Моника Ризовска за патувањето во Јужна Африка: „Не ми беа потребни вакцини и не се осудив да пробам специјалитет од магаре“
Успеав да одам и на сафари – и ова е можеби она искуство за кое Јужна Африка е најпозната во светот.
Националниот парк Кругер е едно од клучните имиња: таму живеат лавови, леопарди, носорози, слонови и биволи.
Земјата нуди и луксузни и авантуристички сафари искуства и нема зборови кои можат соодветно да го опишат она чувство – да бидеш во природата, да се водиш од нејзините правила, и да ги набљудуваш животните во нивниот свет.

Имавме чест и можност додека појадувавме да дојде и семејство на слонови и да гледаме изгрејсонце токму со ваква глетка. Нешто што не се опишува само со зборови и што вреди да се доживее.
Кога се зборува за Јужна Африка, невозможно е да не се спомене Нелсон Мандела, симболот на слободата, достоинството и простувањето.
По 27 години поминати во затвор поради борбата против апартхејдот, Мандела не избра одмазда. Наместо тоа, избра единство.
Неговото лидерство помогна Јужна Африка да премине од длабоко поделено општество кон демократска држава изградена врз надеж и помирување.

Робен Ајленд е островот каде Мандела поминал 18 од своите 27 затворски години, а денес е локалитет под заштита на УНЕСКО и може да се посети.
Посетителите имаат можност да ја видат неговата затворска ќелија и да слушнат приказни од поранешни затвореници кои денес работат како водичи.
Северно од Јоханесбург, има локалитет на УНЕСКО со фосили стари над 3 милиони години, вклучувајќи Australopithecus и рани Homo видови.
Меѓу јуни и октомври, јужните прави китови патуваат од Антарктикот до топлите води кај Херманус. Трчањето на сардини меѓу мај и јули привлекува безброј предатори.

Во Јужна Африка постои и реалност која не се наоѓа на туристичките разгледници. Парадоксот е голем, многу Африканци кои се преселиле во градовите го прифатиле западниот начин на живот, а со тоа ја оставиле зад себе традиционалната култура.
Онаа автентичност, обичаите, ритуалите, начинот на живеење, почесто се наоѓа кај оние кои останале на своите земји. Ова е потсетник дека прогресот и зачувувањето на идентитетот не одат секогаш рака под рака.

Јужноафриканската кујна ги одразува сите народи кои поминале низ оваа земја. На менито можеше да се најде и месо од магаре, специјалитет кој постои во понудата. Јас не го пробав тоа, но самиот факт дека постои, кажува колку е разновидна и смела локалната кујна.
Приказната за Јужна Африка не е само приказна за една држава. Таа е приказна за човечката издржливост, храброста да се прости и силата да се изгради подобра иднина за сите.

За крај одлични сувенири оттука се модни парчиња со афрички колоритни дизајни, сувенири со најпознатите животни од сафари, одлично кафе, интересни локални производи со колоритот на Африка кои секогаш ќе ме враќаат и потсетуваат на ова прекрасно патување“.




Повеќе фотографии:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело