На одмор со Бранко на Мајорка: „Летавме преку Софија, изнајмивме автомобил за 300€ - храната не ме воодушеви“
- Детали
- недела, 12 јули 2026
„Случајно се погодивме таму додека шпанската репрезентација играше натпревар на Светско. По победата улиците експлодираа од емоции. Илјадници луѓе славеа, се вееше шпанското знаме, од сите страни се слушаа песни, пиво течеше во огромни количини, сите наздравуваа со непознати луѓе“, вели Бранко Попоски за одморот на шпанскиот остров.

Бранко Попоски, познат на Инстаграм и како Cooking with Branko, годинава летуваше на островот Мајорка во Шпанија.
Таму помина 7 дена, јадеше локална храна, уживаше во прошетките низ градовите и селата, на бројните плажи и во сето она што го нуди прекрасниот остров.

За своето летување на островот Мајорка, кој вели дека мора да го посети повторно, зашто му останале уште многу работи кои не ги истражил, тој раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:
„Отсекогаш сум бил човек што сака летните одмори да ги планира многу порано.
Не сакам да дојде јуни, па тогаш да размислувам каде ќе одам, колку ќе чини сместувањето и дали воопшто ќе најдам нешто што ми одговара.
Затоа, уште во февруари ја резервиравме нашата летна авантура, а овој пат изборот падна на Мајорка.

Бидејќи сакавме директен лет, без чекања и прекачувања, тргнавме од Софија, која е на околу три часа возење од Скопје.
Оттаму има директна линија до Палма де Мајорка, а летот трае околу два и пол часа.
Искрено, ова ни беше една од најдобрите одлуки, бидејќи за кратко време веќе бевме на островот што со години ми беше на листата на желби.

За сместување го избравме С’аренал, мало крајбрежно место оддалечено околу 15 минути од Палма.
Бевме сместени во хотелот HSM Reina del Mar, со вклучен појадок и вечера.

Хотелот има базен, се наоѓа на само неколку минути пешачење од центарот и градската плажа, а за седум ноќевања плативме околу 750 евра по лице.
Кога ќе се земе предвид дека цената вклучуваше и два оброка дневно, сметам дека беше повеќе од коректна.

Единствено нешто што би го издвоил како мала забелешка е храната.
Не беше лоша, но ми недостасуваше малку повеќе вкус, повеќе локален шмек и зачини.
Би ѝ дал некаде 7 од 10. Секогаш имаше избор, но десертите, искрено, не ми оставија некој посебен впечаток.

Бидејќи бевме четворица, уште пред да тргнеме одлучивме да изнајмиме автомобил.
За сите седум дена плативме околу 300 евра, што е навистина исплатливо кога ќе сфатите колку различни места можете да посетите.

Мајорка е остров што едноставно бара да го истражувате.
Секој ден ве води на нова плажа, во ново гратче или до некој видиковец од кој не ви се заминува.

Нашата прва станица беше Кала Агула.
Уште кога ја здогледав од паркингот ми беше јасно зошто толку често се наоѓа на листите со најубави плажи во Европа.

Огромен појас од ситен златен песок, кристално чиста вода и боја на морето што тешко се опишува со зборови.
Водата беше толку бистра што рибите ги гледавме со голо око, а бидејќи е плитка, плажата е идеална и за семејства со деца.

Изнајмивме лежалки, нарачавме ладно бело вино од Мајорка и нешто за мезење, а остатокот од денот го поминавме без никаков план.
Книга, музика, неколку капења и она чувство кога конечно забораваш колку е часот.
За мене токму тоа е дефиниција за вистински летен одмор.
