На одмор со Бранко на Мајорка: „Летавме преку Софија, изнајмивме автомобил за 300€ - храната не ме воодушеви“
Иако секој ден откривавме ново место, имаше една плажа што едноставно не можевме да ја исфрлиме од планот, па повторно се вративме во Кала Комтеса.
Некогаш најубавите моменти на патување не се кога гледате нови места, туку кога ќе посакате повторно да се вратите на некое што ве освоило уште првиот пат. Таа плажа токму такво чувство ми остави.

Сенката од големите борови дрвја, мирното тиркизно море и опуштената атмосфера беа доволна причина повторно да го поминеме денот таму.
Ручекот беше едноставен - бургер кој чинеше околу 12 евра и неизбежниот Аперол за околу 10 евра.
Ништо спектакуларно, но понекогаш токму наједноставните моменти остануваат најдолго во сеќавање.

Истата вечер повторно се шетавме низ С’аренал, но овој пат градот изгледаше сосема поинаку.
Случајно се погодивме таму додека шпанската репрезентација играше натпревар на Светско.
По победата улиците буквално експлодираа од емоции. Илјадници луѓе славеа, се вееше шпанското знаме, од сите страни се слушаа песни, навивање и смеа, а терасите на баровите беа преполни.
Пивото течеше во огромни количини, сите наздравуваа со непознати луѓе и во воздухот се чувствуваше онаа искрена радост што само спортот знае да ја создаде.

Следниот ден решивме малку да забавиме. По неколку дена постојано возење од плажа до плажа, останавме во С’аренал и уживавме на градската плажа без никакви обврски.
Некогаш и тоа е потребно, едноставно да седнеш покрај морето, да испиеш кафе, да се прошеташ по шеталиштето и да не гледаш во часовникот.

Попладнето го резервиравме за местото што мене лично најмногу ме воодушеви на целиот остров - Солер.
Сместен меѓу планините Трамунтана, на околу 50 минути возење од Палма, овој град изгледа како да застанал во некое друго време.
Камените куќи, тесните улици, плоштадите полни со локални кафулиња и мирниот начин на живот, веднаш прават да се почувствувате како да сте дел од филм.

Најголемата атракција е стариот дрвен трамвај, кој сообраќа уште од почетокот на минатиот век и ги поврзува центарот на градот со пристаништето.
Возењето трае десетина минути, билетот за повратен правец чини околу 20 евра и вреди секое евро.

Додека трамвајот полека минува низ тесните улици, покрај насади и камени куќи, имате чувство дека времето едноставно забавило.
Таму седнавме на чаша локално вино и сладолед, без никаков план каде понатаму.
Тоа се оние моменти што најмногу ги сакам на патувањата, кога не брзаш да стигнеш некаде, туку едноставно уживаш таму каде што си.

Од таму продолживме кон уште едно место што долго време ми беше желба да го посетам - Деија.
Тоа е мало планинско село, сместено меѓу карпите на Сера де Трамунтана и Медитеранот, кое со години е инспирација за уметници, писатели и музичари од целиот свет.
Доволно е само да прошетате неколку минути низ неговите улици за да разберете зошто.

Таму се наоѓа и легендарниот La Residencia, A Belmond Hotel.
За резервација чекавме повеќе од еден месец, бидејќи местата се навистина ограничени, но кога пристигнавме сфатив зошто толку многу луѓе сакаат да го доживеат ова место.
Хотелот не е само луксузно сместување, туку вистинска оаза на мирот. Камени тераси со неверојатен поглед кон планините, медитерански градини, маслинови дрвја стари со векови и атмосфера што не може да се опише со неколку фотографии на Инстаграм.

Таму вечеравме бифтек, уживавме во прекрасно локално вино и неколку часа едноставно го впивавме секој детаљ околу нас. За вечерата плативме околу 180 евра.
Не е место што би го посетувал секој ден, но е едно од оние искуства што остануваат во сеќавање многу подолго од која било материјална работа.

Последниот ден секогаш ми е најтажен.
По појадокот се одјавивме од хотелот, но персоналот беше толку љубезен, што ни дозволи куферите да останат таму до вечерта.
Последните часови ги поминавме покрај базенот, а потоа уште еднаш се прошетавме до градската плажа.

Како да не сакавме да признаеме дека одморот завршува.
Попладнето го вративме автомобилот, се упативме кон аеродромот во Палма, а од таму повторно полетавме кон Софија.
По неколку часа веќе бевме на пат кон дома, но во главата сè уште ми беа тиркизните плажи, мирисот на морето и долгите летни вечери на Мајорка.

Инаку, островот е многу поголем отколку што очекував. За 7 дена видовме навистина многу, но во исто време сфатив дека видовме само еден дел од неговата убавина.
Останаа уште многу заливи, мали села, планински патишта и скриени плажи што заслужуваат да бидат откриени.
Токму затоа, ако ме прашате дали повторно би се вратил, одговорот е без никакво размислување - да“.

Кликнете и погледнете го видеото:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело