На одмор со Бранко на Мајорка: „Летавме преку Софија, изнајмивме автомобил за 300€ - храната не ме воодушеви“
Подоцна продолживме кон Кала Мандиа, која е на околу половина час возење.
И таа е сместена во мало заливче, опкружена со карпи и тиркизно море.

Она што најмногу ми се допадна кај плажите во Мајорка е што секоја има свој карактер.
Ниту една не ми изгледаше исто, иако сите ја имаат таа препознатлива медитеранска убавина.

Речиси на секоја плажа има организиран дел со лежалки и чадори, кои чинат околу 16 до 18 евра за сет, но има и доволно простор за сите што сакаат едноставно да постават пешкир на песокот и да уживаат.

Карпите околу заливите се посебна приказна.
Многумина скокаа во морето, други седеа со чаша сангрија или ладно шпанско пиво и го чекаа зајдисонцето.

Сè изгледаше толку мирно, опуштено и некако безвременски.
Во тие моменти сфатив зошто толку многу луѓе секоја година повторно ѝ се враќаат на Мајорка.

Вечерта се вративме во С’аренал и седнавме во еден ресторан покрај морето.
Токму таму ја нарачав мојата прва паеља на островот. И тука почна мојата мала „опсесија“.

Толку многу ми се допадна, што до крајот на одморот мислам дека ја нарачав барем пет пати.
Едноставно не можев да ѝ одолеам.

Секој ресторан имаше своја верзија, но секоја ми беше подеднакво вкусна.
Ако ме прашате што најмногу јадев во Мајорка, одговорот без размислување е - паеља со чаша добро локално вино.

Следното утро нè разбуди сонце уште од рано.
По појадокот во хотелот повторно влеговме во автомобилот, ја пуштивме омилената плејлиста и тргнавме кон нова авантура.

Искрено, токму тоа најмногу ми се допадна во Мајорка - секој ден имаш чувство дека откриваш сосема нов остров.
Овојпат изборот беше Кала д’Ор.

За мене, ова е една од најубавите плажи што ги посетивме.
Морето беше неверојатно мирно, кристално чисто и во оние препознатливи тиркизни нијанси што ги гледате на разгледници, а мислите дека во живо не можат да бидат толку убави. Можат. И тоа уште поубави.

Деновите на плажа ми изгледаа прилично едноставни, но токму во тоа беше убавината.
Добра книга (во моментов ја читам „Путер“ од Асако Јузики), ладен Аперол или чаша бело вино, неколку капења, фотографирање и разговори за тоа каде ќе одиме следно.
Немав никаква потреба да брзам. По неколку напорни месеци, ова беше токму она што ми требаше, мозокот едноставно да го пуштам „на пасење“.
