На одмор со Александра П. Илиевска во Пореч: „Има природни сенки, водата беше топла за Јадран, лежалките се 7 евра“
Со Сара последните 2,5 години активно цртаме. Наоѓаме форми на камења кои нè потсетуваат на нешто и на нив цртаме, автомобил, камион, маче, куче, делфини или омилените сирени кои ги бараме и во морето.
Инаку, со дете списокот за реквизити на плажа е долг – кофички, лопатки, гумени играчки, крем за сончање, резервна облека, многу вода и грицки. Ако заборавиме нешто од играчките, веднаш ќе ни биде спомнато.
Тука лежалките се наплатуваат 6 и 7 евра, а чадорот е бесплатен и може да си одбереш да ја користиш сенката од истиот или да земеш и лежалка. Но, има и изобилие на природни сенки.

На одмор не сакам многу време да поминувам во кујна. Понекогаш подготвуваме појадок, но ручекот или вечерата најчесто ги резервираме за локалните ресторани, бидејќи така подобро ја доживуваме дестинацијата.
Оваа година во хотелот имавме појадок и вечера, истите изобилуваа со сè што ни е потребно од овошје и зеленчук до највкусното и омилено јадење на Сара ориз, кој беше подготвен во сите варијации.

Пореч е многу пријатно место. Има убаво шеталиште покрај морето, ресторани, барови, сладолед… Сара за првпат проба сладолед со вкус на лаванда во кој уживавме сите… и доволно слободни плажи.
Кино на отворено, бесплатно за сите посетители каде секоја вечер има проекција на нешто интересно.

Убавицата и ѕверот, Спајдермен итн… Навечер атмосферата е мирна и идеална за семејства. Со многу содржини од кои голем дел се достапни за сите без наплата што игра улога особено кога си повеќечлено семејство.
Морето е кристално чисто, а многу плажи имаат лесен пристап, што е голем плус кога патуваш со мало дете.
Температурата на водата е 27 степени што е идеална за дете, а сепак топла за Јадран.

Цените се нешто повисоки од претходните години, тоа ни го споделија и вработени кои ги сретнавме, а доаѓаат од Македонија веќе неколку сезони ( момче од Скопје и момче од Тетово ) но се очекувани за летна сезона во Хрватска.
Кафе е околу 2 до 3 евра, оброк во ресторан зависи од изборот, а лежалки најчесто се наплаќаат посебно, 6 и 7 евра, но нема притисок дека мора да се користат.

Голем дел од семејствата ги користеа природните сенки и носеа оброци подготвени од дома, а за разладување има маркетчиња во кои има сè што е потребно.
Со добро планирање може убаво да се организира буџетот.

И за крај, сега веќе, со 5-годишно дете, знаеме што ни е потребно, како да го организираме денот и што да очекуваме.
Научивме дека не треба да брзаме и дека најубавите спомени се создаваат кога ќе го следиш ритамот на детето. Токму тогаш одморот станува вистинско уживање и за родителите и за децата“.
