Марија (26) од Радовиш е единствена жена одгледувач на шарпланинци во Македонија: „Кај нас се раѓаат шампиони“

„До скоро не бев свесна дека сум единствената жена што е регистрирана како одгледувач на шарпланинци, бидејќи не гледам на работите како машки или женски. Истовремено сум и најмлад одгледувач на шарпланинци во Македонија. И сето ова го работам со помош на моето семејство, кое ми е безрезервна поддршка“, вели за CRNOBELO.com Марија Ристова од Радовиш, која веќе 4 години успешно одгледува шарпланинци-шампиони.

za-4-godini-sozdadov-shampionska-rasa-marija-26-od-radovish-e-edinstvena-zhena-odgleduvach-na-sharplaninci-vo-makedonija-01.jpg

Марија Ристова (26) од Радовиш е дипломиран правник и наскоро ќе стане магистер по казнено право.

Има свој мал бизнис за колачи и слатки, но она што ја прави поинаква од останатите Македонки е тоа што е единствената жена во земјава која е регистриран одгледувач на расата шарпланинец.

Таа ја има одгледувачницата Mountain Eyes Kennel. 

Во разговор за CRNOBELO.com, Марија вели дека од дете многу сакала животни, но шарпланинците отсекогаш ѝ биле омилени.

Ни раскажа колкав предизвик е да се чуваат овие кучиња, но и колку е тешко да се создадат шампиони.

„До скоро не бев свесна дека сум единствената жена што е регистрирана како одгледувач на шарпланинци, бидејќи не гледам на работите како машки или женски (професии, хоби активности).

Но, да, факт е дека сум единствената жена, а истовремено и најмлад одгледувач на шарпланинци. Секако, сето ова го работам со помош на моето семејство, кое ми е безрезервна поддршка“, вели Марија. 

za-4-godini-sozdadov-shampionska-rasa-marija-26-od-radovish-e-edinstvena-zhena-odgleduvach-na-sharplaninci-vo-makedonija-05.jpg

Во продолжение прочитајте го целосното интервју за CRNOBELO.com... 

Кога почнавте да ги одгледувате шарпланинците и од каде љубовта кон овие кучиња?

Љубовта потекнува уште од моите најрани детски спомени. Секогаш сум имала шарпланинец дома. Сме чувале и други кучиња, но еден шарпланинец секогаш имало.

А бидејќи тие имаат долг век, досега сум имала 3 шарпланинци на кои се сеќавам. Едниот беше до скоро и жив.

Доволно е да поминете некое време со оваа благородна раса и ќе сфатите зошто толку многу ги обожаваме и јас и мојата фамилија.

Штом од дете си научен да ги цениш и сакаш како дел од фамилијата, тогаш нема бегање од идејата да чуваш токму ваква голема и верна раса.

Еден ден и да не се занимавам со нивно одгледување, сепак ќе имам шарпланинец до себе.

za-4-godini-sozdadov-shampionska-rasa-marija-26-od-radovish-e-edinstvena-zhena-odgleduvach-na-sharplaninci-vo-makedonija-13.jpg

Дали сте првата во вашето семејство што одгледува шарпланинци или тоа го правел и некој пред вас? Како почна приказната со одгледувањето?

Приказната за одгледувањето шарпланинци почна пред 4 години, кога веќе имав шарпланинец мажјак. Тој живееше кај нас од свои 45 дена, па сè до 8-годишна возраст.

Му реков на татко ми дека доста чуваме други раси во комбинација со шарпланинци, време е да земеме два и така ја купив мојата прва шарпланинка, Дора.

Инаку, пред мене татко ми чуваше и одгледуваше, а јас бев прилично мала, но се сеќавам на секој детаљ, бидејќи нели, децата го паметат она што им е битно.

Со сестра ми имаме и слики како ги држиме тогашните мали кутриња.

za-4-godini-sozdadov-shampionska-rasa-marija-26-od-radovish-e-edinstvena-zhena-odgleduvach-na-sharplaninci-vo-makedonija-04.jpg

Што сè е потребно за да се одгледаат чистокрвни шарпланинци со педигре? Потребни ли се посебни услови за нивното чување?

Да одгледаш чистокрвен шарпланинец е предизвик, бара знаење и познавање на расата. Но, потребна е и желба да ги сфатиш и научиш крвните линии и генетики.

Секој успешен одгледувач треба да се стреми кон почитување на стандардот за расата шарпланинец, редовно регистрирање на леглата од страна на Кинолошкиот сојуз и да присуствува на изложби и специјалки за расата шарпланинец.

Овие работи ги наведувам како круцијални и битни, бидејќи сè почесто има одгледувачи кои спаруваат кучиња за свој мерак, прават комбинации кои не даваат здрави и типични шарпланинци и слично.

za-4-godini-sozdadov-shampionska-rasa-marija-26-od-radovish-e-edinstvena-zhena-odgleduvach-na-sharplaninci-vo-makedonija-02_copy.jpg

Сите знаеме дека шарпланинецот потекнува од Шар Планина и како такво е спремно на сурови услови и многу малку нега за да преживее.

Денес имаме доказ дека шарпланинците не мора да трпат сурови услови. Одлично се снаоѓаат како во урбани, така и во рурални услови.

Важи за многу адаптивна раса, освен летно време кога е нормално да бара малку поладно, исто како и ние луѓето.

Потребна е поинтензивна нега во периодите на митарење, бидејќи мора да ги ослободите од вишокот влакна, капење во зависност од условите во кои се чува.

Но, не бара специјален груминг, освен добро четкање, бидејќи има долго крзно и поткрзно.

za-4-godini-sozdadov-shampionska-rasa-marija-26-od-radovish-e-edinstvena-zhena-odgleduvach-na-sharplaninci-vo-makedonija-03_copy.jpg

Дали грижата за шарпланинците е скапа? Дали ви е ова хоби или вака заработувате за живот?

Грижата за шарпланинците и општо чувањето бара финансии.

Искрено, која било раса си бара задоволување на своите нутритивни и суплементарни потреби и квалитетна храна со цел да имате здраво и среќно куче.

Одгледувањето шарпланинци за мене претставува еден вид на хоби, скап спорт.

За заработка кај нас е малку потешко, скоро незамисливо, се разбира ако правиш сè како што треба – тоа подразбира редовна вакцинација уште од најмала возраст, прочистување од паразити, одржување во сезоната на крлежи и болви.

По навршување на една година потребна е редовна вакцинација – годишна вакцина против беснило како и бустер доза на повеќевалентната вакцина која штити од секакви потенцијални болести.

za-4-godini-sozdadov-shampionska-rasa-marija-26-od-radovish-e-edinstvena-zhena-odgleduvach-na-sharplaninci-vo-makedonija-12.jpg

Колку шарпланинци има во вашето легло во моментов?

Моментално кај мене има 4 возрасни единки и тоа еден мажјак и три женки.

Сите три потекнуваат од одлични крвни линии, докажани на многу изложби, докажани во приплод, како и на работна задачи.

za-4-godini-sozdadov-shampionska-rasa-marija-26-od-radovish-e-edinstvena-zhena-odgleduvach-na-sharplaninci-vo-makedonija-08.jpg

Дали ги носите на изложби (кај нас и во странство)? Имате ли освојувано награди низ годините?

Би издвоила две женки кои од неодамна, по целата изложбена сезона станаа шампиони на Македонија.

Nina Longlaw има освоено многу титули и стана Млад шампион на Македонија.

Lady Gaga Gazi Baba Volcanoes, која исто така има освоено многу титули, стана Млад шампион на Македонија, но и Гранд млад шампион на Македонија.

Нема поголема чест и привилегија токму две кучиња од твојата одгледувачница, која е прилично нова и млада, да се закитат со овие шампионски титули.

Се надеваме на поголеми успеси во иднина, многу здрави млади кутриња, нови среќни семејства кои ќе си го пронајдат својот нов пријател токму во нашата одгледувачница.

Инаку, имам соработка и со други одгледувачи кои се веќе докажани во својата работа и кои се залагаат за расата шарпланинец.

za-4-godini-sozdadov-shampionska-rasa-marija-26-od-radovish-e-edinstvena-zhena-odgleduvach-na-sharplaninci-vo-makedonija-09.jpg

Какви услови се потребни за да се чува вакво куче дома? Има ли луѓе кои мислат дека може да се чуваат во стан?

Досегашното мое искуство и работење со оваа раса покажа дека Балканците преферираат кучињата да ги чуваат во двор, а бидејќи имам испратено над десетина кутриња кои живеат со своите сопственици во Америка, тие ги чуваат дома – внатре.

Ова е уште една потврда за мулти адаптивноста и функционалноста на оваа раса.

Тие не бараат посебни услови за чување дома, освен редовни прошетки и стекнување навремени хигиенски навики.

za-4-godini-sozdadov-shampionska-rasa-marija-26-od-radovish-e-edinstvena-zhena-odgleduvach-na-sharplaninci-vo-makedonija-11.jpg

Наша цел е да ја популаризираме оваа наша, автохтона, национална раса, која со векови опстојува на овие простори.

Да изградиме една убава слика за кучето шарпланинец, кое е верно како чувар, работно и на врв на својата задача како овчарско куче, но и перфектен домашен миленик и член на секоја модерна фамилија.

za-4-godini-sozdadov-shampionska-rasa-marija-26-od-radovish-e-edinstvena-zhena-odgleduvach-na-sharplaninci-vo-makedonija-07.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Елена од Кавадарци е мејкап артистка во САД: „Не планирав да се селам, тука заработката е поголема и... „Во САД најчесто само невестата, девериците и мајките најмуваат шминкер за свадб...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Французинката Олга 2 пати го посети Скопје: „Македонците се прекрасен народ“ „Ми се допадна културата, мешавина помеѓу оксидент и ориент, природата, византис...
Сара Трајковска, ќерката на Борис Трајковски ексклузивно за CRNOBELO: „Омилените спомени со татко ми... „Често му бев верна придружба кога одеше на пазар, а кога патуваше, од секаде ми...
Стефан Миленковиќ за CRNOBELO: „Секогаш со задоволство се враќам во Македонија, го сакам вашиот ајва... „И понатаму свирам на виолината изработена во 1783 година. Таа била во сопствено...
Сашо од Битола за животот на Флорида: „Кога си далеку од дома сè ти недостига – но, не знам дали би ... „Бидејќи работев на брод, беше лесно да извадам туристичка виза и да дојдам посл...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg