Д-р Игор Алулоски, гинеколошки онколошки хирург: „Извадивме тумор со 90 литри течност, најмладата пациентка ми беше 11-годишно девојче“

Што значи дијагноза CIN 1? Кој е нареден чекор, дали промени во исхраната и начин на живот се доволни во ваква ситуација?

CIN 1 (Cervical Intraepithelial neoplasia gradе 1) или Цервикална интраепителијална неоплазија од прв степен или клеточна промена на грлото на матката од низок степен.

Се работи за т.н. преканцерозна промена на грлото на матката, која има низок процент на прогресија кон карцином на грлото на матката. Се препорачува следење со одредување на ХПВ статусот, доколку се добие ХПВ негативен наод се повторува ПАП тест после една година, ако тогаш ПАП тестот е негативен или ХПВ наодот е негативен, се повторува тестирањето после три години.

Но, доколку постои ПАП тест CIN 1 и ХПВ позитивен наод се препорачува колпоскопија и постапување според колпоскопскиот наод.

Освен ваквите препораки за следење, според потврдени упатства, секако се сугерираат и одредени промени во начинот на живеење, во смисла на заштитени сексуални односи, заради намалување на можноста од трансмисија на ХПВ инфекција, забрана за пушење, бидејќи цигарите се еден од главните ризик фактори, редовни гинеколошки прегледи, поттикнување на имунитетот, одржување на интимното здравје и сл.

d-r-igor-aluloski-ginekoloshki-onkoloshki-hirurg-izvadivme-tumor-so-90-litri-technost-najmladata-pacientka-mi-beshe-11-godishno-devojche-05.jpg

Колку ракот на матка/јајници е излечив? Во кој временски период најчесто се враќа? Дали е задолжителна хемотерапија по операцијата?

Во прашањето се опфатени два сосем различни типови на карциноми кои имаат различна етиологија, но и различна дијагностика, третман, следење и секако различна прогресија и стапки на излекување или стапки на смртност.

Сето ова зависи од стадиумот во кој се детектираат истите.

Но, накратко, кога зборуваме за карцином на грлото на матката, секогаш треба да го имаме на ум фактот дека се работи за најпревентибилниот тип на карцином, односно со редовни гинеколошки контроли, со почитување на повикот за скрининг преку ПАП тестирање или ХПВ тестирање, може навремено да се детектираат преканцерозните промени на грлото на матката кога може со соодветни третмани да се спречи прогресијата на болеста до инвазивен карцином.

Но, доколку болеста напреднала и веќе се работи за инвазивен карцином, тогаш состојбата е сосема поинаква. Но, тогаш во зависност од стадиумот на болеста, од возраста на пациентката, од тоа дали има остварена репродукција или не, се преземаат или оперативно третирање или онколошко третирање т.е. радио или хемотерапија, на болеста.

Па, така на пример, доколку болеста се наоѓа во IA стадиум може да се заврши само со конизација или некогаш и со едноставна (проста) хистеректомија (вадење на матката), ако се наоѓа во IB или IIA стадиум, тогаш се изведува т.н. радикална хистеректомија со вадење на лимфни жлезди во малата карлица.

Но, ако болеста е во напреднати стадиуми над IIB стадиум, тогаш нема операција, туку третманот се состои исклучиво од радио/хемотерапија. Секако, дека и стапките на рекурентност (враќање на болеста), како и стапките на преживување зависат од стадиумот на болеста - колку е поголем стадиумот, толку стапките на преживување се пониски, а на рекурентност се повисоки, за жал.

Но, секако, со соодветно изведен оперативен третман од страна на субспецијалист за гинеколошка онкологија и во соодветна установа од терциерно ниво, успехот е голем. Имаме вакви, успешни приказни во огромен број.

Кај оваријалните карциноми, приказната е малку поинаква. За овој тип на карциноми, за жал, сè уште не постои скрининг метода, која би овозможила рано детектирање на болеста во пораните стадиуми, кога и успехот од оперативниот зафат е подобар и секако ефектот на хемотерапијата е одличен.

За жал најголемиот број на пациентки, кај кои се утврдува постоење на оваријален карцином, се детектираат најчесто во веќе напреднат стадиум. Но, тоа не значи дека се откажуваме од борбата, секако дека постојат оперативни техники или комбинација на оперативно и онколошко третирање, со цел да се постигне т.н. максимална циторедукција, а со тоа и зголемување на стапките на преживување и намалување на стапките на повторување на болеста.

Дали Македонките прават редовни ПАП тестови, колку ова помага и олеснува во дијагностицирање на состојбата во порана фаза? Што менува?

Како и сите европски држави, а и развиените држави во светот, така и во Македонија, во склоп на Министерството за здравство, постои годишна скрининг програма, според која се задолжува Комисијата за рана детекција и превенција на карцином на грлото на матката, за преземање на активности и мерки за нејзино спроведување.

Тоа значи дека кај нас постои скрининг програма, според која секоја година се одредуваат финансиски средства кои треба да послужат за спроведување на програмата на терен во соработка со матичните гинеколози.

Меѓу другото, се успеа да се направи и веб платформа, skrining.mk, преку која самите пациентки може да се пријават за редовен скрининг, кој кај нас е сè уште ПАП базиран, кај својот матичен гинеколог или самиот матичен гинеколог може да ги пријави пациентките кај кои во последните три години не е направен ПАП тест и да ги повика за скринирање.

Со оваа платформа се олеснува пристапот на пациентките за повикување на редовен скрининг.

Се изработуваат рекламни материјали, филмови, едукативни програми сè со цел да се подигне свесноста за оваа болест и потребата од одење на редовен скрининг, но, за жал, констатацијата е дека сè уште имаме недоволна опфатеност со скрининг програмата.

Проблемот е двонасочен, треба да се подигне свеста кај пациентките, но треба да се работи и со гинеколозите, односно треба поголема ангажираност на здравствените власти за надминување на овој проблем.

И да, секако, како што веќе споменав и погоре, раното детектирање на болеста е клучно за намалување на процентот на инвазивни карциноми, колку порано се детектираат патолошки промени на грлото на матката, а тоа се постигнува најлесно преку ПАП тест или ХПВ тест, толку третманот е поедноставен.

Односно, како што често ја користам оваа реченица „Еден преглед спасува живот“ и навистина е така.  

Колку дијагностичката постапка киретажа е болна, како се изведува?

Самата дијагностичка постапка, во случајов биопсија на грлото на матката со киретажа на каналот на грлото на матката, е безболна, бидејќи на нашата Клиника се изведува во краткотрајна интравенска анестезија.

Откако пациентката ќе биде воведена во анестезија, гинекологот со помош на специфични инструменти, наменети за оваа цел, зема неколку биоптични парчиња од најсомнителните места на грлото на матката и изведува т.н. киретирање (гребење) на каналот на грлото на матката, за да се добие материјал за анализа.

Понатаму, добиениот материја се испраќа на хистопатолошка анализа од страна на патолог.

Пациентката после отприлика два часа од интервенцијата, се испушта од болницата.

d-r-igor-aluloski-ginekoloshki-onkoloshki-hirurg-izvadivme-tumor-so-90-litri-technost-najmladata-pacientka-mi-beshe-11-godishno-devojche-04.jpg

Има ли симптоми на кои треба да се обрне внимание? Дали ракот на матка/јајници дава некакви знаци?

Кога зборуваме за ракот на грлото на матката, покрај редовното одење на гинеколог, секако дека пациентките треба да внимаваат и на појава на некои симптоми, кои не се специфични, па понекогаш може да ги залажат пациентките и да не обрнат внимание на истите.

На прво место, несоодветно/невообичаено крвавење, надвор од редовниот менструален циклус. Може да се појави помеѓу менструалните циклуси, може да трае и по неколку дена, со различен степен на обилност, но најчесто ваквите крвавења се јавуваат после сексуален однос т.н. посткоитални крвавења.

Доколку се појави, потребно е да се јави пациентката на преглед веднаш, не да чека.

Понатаму, непријатна миризба од вагината, вагинален исцедок со непријатна миризба и изглед, најчесто со присуство на крв, а често и болка.

Понекогаш може да се јави чувство на нелагодност во малата карлица или чувство на надуеност, со промени во мокрењето или одењето по голема нужда.

Кои се најважните особини кои еден хирург треба да ги поседува?

Медицината е благородна и хумана наука. Луѓето кои се одлучиле да се занимаваат со медицина, било да се лекари, медицински сестри и сите останати кои имаат допир барем минимален со овој позив, пред сè треба да се благородни како луѓе, чесни и искрени.

Без овие карактеристики, сметам дека не може никој, ниту доктор или медицинска сестра, да биде квалитетен во целост, колкаво и да е нивното познавање на медицината, како наука. Кога на овие човечки квалитети ќе се додадат знаењето и умешноста, која се стекнува низ процесот на едукација, но права искрена едукација и посветеност, секојдневна, во подобрување на сопствените знаења и вештини, тогаш добивате човек кој со гордост може да се нарече, доктор.

На крајот на денот, се едуцираме и работиме за доброто на нашите пациенти, за почит кон нашите пациенти, за почитување на животот од неговиот зачеток, па сè до неговиот крај. Како што стои во Хипократовата заклетва, на која сите доктори сме се заколнале.

На кои свои признанија сте најгорди досега?

Во текот на својата работа сиве овие години, сум ја имал таа чест и задоволство да соработувам со голем број колеги не само од струката гинекологија и акушерство, туку и од други гранки на медицината.

Секако, тука е и соработката со голем број на невладини организации за борба и подигање на свеста за борбата со карциномите, за сите тие соработки имам добиено голем број благодарници за соработката и сертификати, благодарници и дипломи од специјалистички здруженија и МЛД, од Лекарската комора и други, но секако морам да го издвојам признанието од страна на ЕЗГО (Европското Здружение за Гинеколошка Онкологија), или Certificate for Professional Recognition in the Gynecologic Oncology, со кое се препознава мојот придонес во развојот и едукацијата во Гинеколошката Онкологија.

Ова признание заедно со уште 114 други гинеколози онколози од Европа и од Светот, ќе ми биде доделено на претстојниот Конгрес на ЕЗГО кој ќе се одржи во Истанбул, Турција во септември оваа година.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Симона Симионова | Црнобело



Би можело да ве интересира:

„Со радост се сеќавам на моето детство во Скопје, кога не се заклучуваа вратите и комшиите беа насме... „Сум имал среќа да живеам повеќе години во четири различни земји од нашиот регио...
Хелена Роза по 4 години се врати од Нов Зеланд: „Заминав на 39 години, завршив факултет и сега со со... „2022 ми беше една од најубавите години - конечно зедов дозвола за возење мотор ...
Игор Стефановски - Иџе за татковството: „Никогаш не сум бил на родителска, ќерката повеќе личи на ме... „Со синот Олег разговарам отворено за сè и тоа ме радува. Неизбежно е на ти...
Ламбе Алабаковски: „Во Бигорски си го наоѓам мирот, со Врчак сакаме да снимиме нов дует“ „Магдалена е многу добра мајка и сопруга. Таа во 2000 година со семејството се п...
Како изгледа денес Елеонора Капсималева – девојчето што ја испеа „Дувна ветре развигорче“ во 1990-та... „Кога ја отпеав песната, бев навистина многу мала. Имав 6 години, а бидејќи како...
Ирена и Игор Марковски имаат две деца со дијабетес: „Синот почна да губи по 1 килограм преку ноќ, ка... „Дијабетесот не е болест туку состојба. Кај синот првите симптоми што нѐ насочиј...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg