Љубовната приказна на Ведрана и сопругот Андрија: „Првата порака ми ја остави на 'seen', по една и пол година почнавме врска“
- Детали
- понеделник, 27 април 2026
„Кога се видовме во Охрид следната година, ми кажа дека раскинал со девојката, после скоро 10 години, и така почнавме да разговараме почесто. Брзо потоа дојде до Скопје да ме земе за да одам со него на турнеја“, вели Ведрана Ѓорѓевиќ за CRNOBELO.com, за почетокот на љубовта со сопругот Андрија, кој е познат диџеј и продуцент.

Поранешната водителката, Ведрана Ѓоргевиќ, една и пол година е во среќен брак со српскиот диџеј и продуцент Андрија Антиќ, познат како Ендру Мелер.
Андрија ја изненади Ведрана со запросување на Занзибар, а потоа парот направи интимна венчавка во Бигорски манастир, само со семејствата и уште никако да најдат време за голема свадба за да прослават со сите свои сакани личности и бројни пријатели.
Тие, освен што се во брак, и работат заедно, а Ведрана му е менаџер на Андрија, па тие постојано патуваат заедно, го истражуваат светот...
Сето ова, според неа, направило да станат уште поблиски, а не да си здодеат еден на друг поради тоа што се по 24 часа заедно.

За љубовната приказна, која почнала со „игнорирање“ од страна на Андрија, кога ја оставил првата порака од Ведрана на seen, и за нивниот брак, таа раскажува во интервјуто за CRNOBELO.com:
Како почна вашата љубовна приказна, како се запознавте со Андрија и пред колку време?
Се запознавме за време на короната. Во 2020-та дојде во Скопје, пушташе музика во Интермецо, а јас бев редовна гостинка таму. Прво му пишав на Инстаграм зашто видов дека доаѓа.
Немав никаква намера, пораката беше најпријателска, дека се радувам на неговото доаѓање и ќе слушаме добра музика, јас неговата музика ја слушав и пред да го запознаам лично.
Но, тој не беше баш комуникативен на почетокот по пораки, ме остави на seen (ха, ха), но после тоа нè донесе и до врска.
Во времето кога се запознавме, тој беше во долга врска и веднаш ми го кажа тоа, но и ми помогна во одлуката да бидеме заедно и да имам доверба од старт, без да треба да се докажува и слично.

А ја започнавме врската после година и половина од запознавањето.
Летото 2021-ва дојде да пушта музика во Охрид, на плажата Оревче, а јас планирав да одам со пријатели да го слушаме.
Кога се видовме во Охрид ми кажа дека раскинал со девојката, после скоро 10 години, и така почнавме да разговараме почесто.
Поминавме супер викенд во Охрид со моите и неговите пријатели.
Низ муабет таму му кажав дека никогаш не сум била на Ада Бојана во Црна Гора и баш би сакала, но никој од Македонија во тоа време не сакаше да оди за Црна Гора кога Грција ни е толку блиску.
А тој за две недели тргнуваше на турнеја, меѓу која имаше и настап на Ада Бојана, па ме викна да одам со него и со други пријатели.
За две недели дојдоа, ме земаа од Скопје и тоа беше почеток на една убава приказна која и денес трае.

Со што те освои тој?
Најмногу ме освои со смиреноста, тоа ми годи и до ден денес.
За мојата лудачка енергија, тој ме балансира совршено.

Три особини кои најмногу ги сакаш кај сопругот се....
Добрина, трпеливост и што има решение на секој мој проблем (ха, ха).

Дали уште веднаш знаеше дека тој е вистинскиот или ти требаше време да сфатиш дека сте создадени еден за друг?
Не знаев веднаш, никогаш не сум размислувала за тоа каков маж сакам и како треба да изгледа тој или нашата врска.
Но, најмногу што сакам е каква сум јас покрај него. Тогаш знаев дека е тоа човекот за мене.

Како изгледаа првите средби со семејствата?
После турнејата низ Црна Гора, Босна и Србија, на враќање веднаш свративме кај неговите и се запознавме, а после неколку доаѓања во Македонија тој се запозна со моите.
Не беше ништо спектакуларно, јас живеев сама и тој исто така, знаевме што сакаме и нашите родители требаше само да бидат запознаени со ситуацијата и да нè поддржат, тоа и се случи.

