Даријан Галевски (9) е наш фудбалер со светски талент: „Тренерите на Барселона ме избраа за најдобар играч на камп за млади таленти“
- Детали
- среда, 07 мај 2025
„Успеваме некако да се носиме со постојаните патувања на релација Скопје-Белград, бидејќи тој игра за клубови во двата града. Има многу жртви, но разбрано дете е, ги прифаќа нашите совети, а во секој слободен миг се посветува на учењето, дури и додека патуваме во автомобилот“ - вели Дамјан Галевски, таткото на талентираниот фудбалер Даријан, за CRNOBELO.com.
9-годишниот Даријан Галевски е момче со неверојатен спортски талент. Лани, на свои 8 години беше избран за најдобар играч на фудбалски камп организиран од ФК Барселона, во конкуренција од преку 200 деца, а игра и кошарка - талент што го наследил од неговиот татко Дамјан.
Со топката е од 2 години. Во интервју за CRNOBELO.com, Даријан вели дека уште откако знае за себе, најмногу сакал да трча по топката со децата низ маало.
Денес, овој третодделенец, освен што е одличен ученик, целосно е посветен на спортот, па тренира во скопскиот клуб Форца, но и за белградска Црвена Ѕвезда и секој викенд игра натпревари со нив.
Сепак, еден од најголемите детски соништа му се исполни лани, кога тренираше во фудбалскиот камп на Барселона, а наградата за најдобар фудбалер за него значи дека за неколку години од сега, кога ќе наполни 13, ќе може да оди во шпанскиот гигант за да тренира со тамошните деца.
За предизвиците со кои се соочува семејството, но и за љубовта на малото момче, кое го нарекуваат македонскиот Меси, кон фудбалот, разговаравме со Даријан и со неговиот татко Дамјан.
Прочитајте го интервјуто:
Даријан, колку долго тренираш фудбал?
Тренирам од свои 4 години и 8 месеци, односно вкупно тренирам нешто повеќе од 4 и пол години.
Тренирам 2-3 пати во неделата, а имам утакмици во сабота или недела.
Освен тренинзите во фудбалската школа „Форца“, имам и дополнителни тренинзи и натпревари со ФК Црвена Ѕвезда од Белград.
Се сеќаваш ли на првите игри со топката во маало со другарчињата? Раскажи ми малку за тоа... Отсекогаш ли беше тој што дава голови?
Па да, се сеќавам. Секогаш во секое време играв со сите деца кои играа фудбал во маалото.
Дали се постари или помали за мене не беше битно.
Битно е дека топката е мојата љубов, а со тоа по цел ден другарувам со неа, и на секој терен и на секое место.
Јас секогаш сум давал повеќе голови од останатите, иако да дадам асистенција ми е некако поубаво, затоа што тогаш се радуваат двајца на постигнатиот гол.
Седиш ли пред телевизорот за да гледаш фудбал? Кои ти се омилени фудбалери и зошто?
Да, постојано со мојата фамилија, во мојот дом освен спортски натпревари и по некој интересен филм, друго и да не се гледа.
Кога имаме можност одиме на натпревари на фудбалскиот клуб Вардар, Црвена Ѕвезда како и на нашата репрезентација.
Омилени фудбалери ми се Педри, Ламин Јамал, Рафиња, Левандовски, односно целиот тим на Барселона, како и нивниот поранешен играч и мој идол Лионел Меси.
Исто така и од ФК Црвена Ѕвезда би ги издвоил Канга, Катаи, Андрија Максимовиќ, како и најмладиот од нив Василије Костов.
Тренираш истовремено во два клуба и тоа во Скопје и во Белград... Се лутат ли тренерите ако нешто што те учат во Белград го правиш во Скопје или тоа што го правите во Скопје го применуваш во Белград?
Не, воопшто не се лутат, напротив мислам дека се горди на мене што воопшто успеваме заедно со мојата фамилија да стигнеме да тренираме и на двете места.
Истовремено на секое место се учи по нешто ново, и секој тренер сака кога некое дете ќе научи и примени нешто ново во својата игра.
Мојот напредок го фалат и едните и другите.
Кои тренинзи ти се потешки?
За мене нема тешки тренинзи, уживам во каков било тренинг и на кое било место.
Единствено во фудбалската школа Форца се тренира еден час, додека во ФК Црвена Ѕвезда тренинзите траат и по еден и пол час.
Иако си уште мал, дали сакаш да потпишеш договор за Барселона кога ќе потпораснеш? На колку години можеш да почнеш да тренираш и играш за нив?
Се разбира дека би сакал да потпишам за ФК Барселона и тоа е моја животна желба кога ќе пораснам. Тоа е клубот за којшто навива цела фамилија.
Но, мислам дека е сè уште рано за тоа. Јас можам да тренирам уште сега за нив, но има други препреки за тоа.
Кога збориме за играњето, од комуникацијата на татко ми со координаторите на ФК Барселона, ни кажаа дека тоа не е можно пред мојата 13-годишна возраст.
Каков ученик си? Кој ти е омилен предмет? Каде учиш? Кое одделение си?
Јас учам во основното училиште Димитар Миладинов во трето одделение.
Одличен ученик сум, и најомилен предмет ми е математика.
Дали се гордеат другарчињата со тебе или мислиш дека има некој и што ти љубомори, па знае да те задева?
Секако дека има и другари кои се гордеат, но има и од оние кои се задеваат со мене.
Во секој случај ние сме другари, и не гледаме на тоа како љубомора, туку како спортско натпреварување.
Освен што играш фудбал, што друго сакаш да правиш? Што те прави среќен?
Ме прави среќен кога гледам добри утакмици во фудбал, и да се дружам со другарите после обврските на училиште.
Сакам да гледам интересни филмови, да гледам и да играм кошарка.
Продолжува на следната страница со разговорот со таткото Дамјан...
Би можело да ве интересира:





