Здравко Чолиќ за CRNOBELO: „Сопругата ме ‘врза’ со толеранцијата, јас никогаш не сакав да се женам“
- Детали
- среда, 14 мај 2025
„Убаво ми е овде - уживам во убавината, климата, воздухот, без оглед дали е во прашање Скопје, Охрид, Маврово, Шар Планина. Но, кога е земјава во прашање, јас сум субјективен, колку многу сум доаѓал тука. И мислам дека себеси гордо можам да се наречам Македонец“ - вели Здравко Чолиќ во интервју за CRNOBELO.com.
Ако прашате некого од Триглав до Вардар, која е најголемата музичка ѕвезда, одговорот скоро секогаш ќе биде - Здравко Чолиќ.
И покрај статусот на ѕвезда и фактот што е еден од омилените пејачи и најголеми шармери на овие простори, со кариера која трае преку половина век, Здравко сепак ја задржал својата скромност.
На интервјуто за CRNOBELO.com, дојде насмеан, расположен и средбата почна со прегратки, како да се познаваме цел живот.
И токму таа негова непосредност и искрени муабети прават, додека седите спроти него, да не гледате недостижен човек, туку маж кој отсекогаш знаел како да им се допадне на сите, а тоа да го направи ненаметливо, со насмевка и неколку збора.
„Имало ситуации на граница меѓу Македонија и Србија кога поради голема гужва ќе се јавиме некому да нè спроведе, да не чекаме многу, особено за време на празници, или кога се оди на летување.
Ама вчера поминавме брзо, некои 5-6 возила имаше пред нас, не чекавме“, ни кажа во неврзан разговор Здравко.
А во интервјуто зборувавме за сè - трите концерти во Скопје во организација на Пасворд продукција, за кариерата, со што успеала сопругата Александра да го „врзе“ за себе и како по три децении ја одржуваат љубовта, но и за ќерките, братот Драган, родното Сараево...
Прочитајте го целиот разговор:
По 6 години повторно доаѓате на концерт во Скопје, но овој пат со симфониски оркестар. Како звучат вашите песни со овој аранжман? Дали и понатаму ја кревате публиката на нозе и успевате да ја разиграте или концептот е сепак поинаку замислен?
Ова е малку посериозна приказна. Јас, всушност сакав да направам два вида концерти, едниот да е помал, анплагд варијанта со 3-4 музичари, а другиот да е со симфониски оркестар.
Требаше да настапам на фестивал во Бања Лука кој се одржува на тврдината, па кога разговарав за новиот тип на концерти со мојата менаџерка Биљана, таа го ангажираше Федор и се договори тој да преаранжира некои мои песни и да направиме еден таков репертоар.
Некои од песните останаа скоро исти, тој некаде додаде некој инструмент, но темпото на песните и она што е врзано за самата динамика, остана скоро исто, а луѓето почнуваат да стануваат и да играат.
Ваков концерт веќе одржав во Бања Лука, два во Загреб, во арената во Пула, па на отворањето на Сава Центар во Белград, а сега ќе одржам и три такви концерти во Скопје, откако беа одложени поради нашата огромна трагедија во Кочани.
За неколку дена ќе полните 74 години. Што ќе си посакате за роденденот?
Секогаш кога некому му е роденден, прво му посакувам добро здравје, а другите работи си доаѓаат сами.
Сакам да живееме нормално, зашто кога живееме стерилно, животот и не е многу убав.
И сакам покрај мене да се семејството, пријателите...
Како ги славите родендените?
Имало сешто на прославите на моите родендени. Имало разни баханалии во 70-тите каде луѓето се опивале, а музиката свирела по цели ноќи.
Пред да се оженам, сум славел родендени и со девојката со која сум бил во моментот, некаде да отидеме сами, а сега понекогаш славам сам со сопругата, или ќе отидеме во некој ресторан на ручек јас, таа и ќерките.
Нема некои правила, не се прават некои големи фешти.
Се случувало некогаш ден после роденденот, на 31 мај да имам некој настап, па тоа значи дека за роденденот не можам да се расположам, зашто следниот ден не би можел да пеам со полна сила.
Па еве и сега, концертите во Скопје се закажани на само неколку дена по мојот роденден, па ќе мора да сум прилично воздржан.
Инаку, јас сакам да ги одбележувам родендените, макар и само да седам со моето друштво, со торта, да дувнам свеќички.
Кога сте дома, со семејството, ви се случува ли некогаш да заборавите дека сте Здравко Чолиќ - најголемата југословенска музичка ѕвезда?
Јас не сум најголемата музичка ѕвезда во бивша Југославија, ха-ха.
Но, добро, долго сум во оваа работа, па можам да кажам дека ти си еден човек дома, а друг кога ќе излезеш на бина, тогаш ѝ припаѓаш на публиката и приказната е сосема друга.
Одеднаш се трансформираш, сакал или не, во личност која е ѕвезда, но истовремено одговараш за своите постапки и мора да ја почитуваш енергијата на публиката.
Ти ѝ даваш, таа ти враќа и тоа е нешто што е прекрасно и може само да се доживее.
А дома, па, таму сум свој.
Постоеше ли на почетокот на кариерата некој план Б, што би правеле во животот да не бевте музичар?
Јас бев одличен студент на факултет, а мислам и дека би завршил уште еден факултет, нешто слично на економија. Бев многу амбициозен.
Но, во време кога го завршував факултетот, единствено нешто што можев да го работам, а да не е државна работа - беше во туристичка агенција. Денес тоа е нормално, но во она време беше реткост, а тоа ме влечеше.
Па, да не почнев да пеам професионално, најверојатно би направил некоја фирма врзана за туризам и патувања.
Е, сега, со еден мој пријател од Загреб и со еден производител, кон средината на 1980-те, се впуштив во бизнис за производство на опрема за телефони и телефонски централи.
И тоа ми беше интересно, зашто ми беше мака само да пеам, едвај чекав да побегнам од тој музички дел.
Во овој бизнис бев едно 4-5 години, до 1988-ма, кога со Горан Бреговиќ почнавме да ја правиме мојата следна плоча, со име „Да ти кажем шта ми је“, по песната на Дино Мерлин.
Брзо потоа се распадна Југославија и веќе немаше големи концерти, туку некои помали настапи во странство за нашинците од Европа до Австралија.
Но, ете, во тие 4-5 години целосно се тргнав од таа приказна, дури не се дружев ни со музичари, туку со занаетчии и мајстори.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





