Инспиративна жена: Маја Ацески - бизнисменка, мајка на 3 деца и дама со впечатлив моден стил
Да се биде жена со манири значи да се носи грациозност, самоувереност, префинетост - не само преку модата, туку и низ енергијата што ја пренесуваме.
Мојот моден стил би го опишала како смелост, креативност и индивидуалност.

Опкружен со пријатели од модната индустрија, дизајнери, стилисти, фотографи, инфлуенсери, не можеш да останеш имун на сите модни промени, па така секогаш ги следам трендовите, но многу важно е тоа што ги интерпретирам на свој начин - не како копија, туку како инспирација за создавање уникатни комбинации.

Обожавам креаторски парчиња, но истовремено се радувам кога ќе создадам совршен изглед што не мора да биде скап - убавината е во размислувањето, комбинацијата, вкусот и деталите.

Чантите се мој симбол, моден потпис што ја истакнува мојата страст кон деталите.
Накитот, било минималистички или впечатлив, додава доза на мистерија и софистициран гламур.

Секогаш се водам од светкави, металик нијанси, златно-сребрени тонови, бидејќи тие зрачат со мојата автентична енергија.

Инаку кога патувам, не носам случајни комбинации - модата станува огледало на приказната на местото.
Ја живеам атмосферата преку стилот, спојувајќи ја мојата естетика со духот на градот.

Независно дали станува збор за париски шик, медитеранска боемија или ориентален луксуз, секогаш создавам изданија што носат баланс меѓу личниот потпис и енергијата на дестинацијата.

