Инспиративна жена: Маја Ацески - бизнисменка, мајка на 3 деца и дама со впечатлив моден стил
- Детали
- вторник, 10 јуни 2025
„Кога работиш во светот на текстилот и модата, на ваков или онаков начин, неизбежно е таа тивко да ти влезе под кожа и да ги засени сите останати пасии кои си ги имал. Секое парче што го носам за мене не е само ткаенина, туку емоција, дух, гест на почит кон себеси“, вели Маја Ацески, текстилен инженер и менаџер, како и мајка на 3 деца и посветена сопруга.

Маја Ацески е текстилен инженер, сопственик и менаџер на „Текстил Солушн“ и „Емералд“, компании во кои текстилот и естетиката не се само бизнис, туку уметност, визија и хармонија помеѓу материјалното и духовното, како и жена со совршен моден стил.
Но, пред сè, таа вели дека е сопруга и мајка на три прекрасни ќерки - Јана (15), Софија (11) и Нена (9) и за неа нејзиното семејство е вистинската движечка сила и мотив за успех во секој предизвик.
Tокму од нив вели дека ја добива најголемата поддршка за секоја нејзина одлука и секој нејзин чекор.
За CRNOBELO.com таа споделува детали за нејзиниот моден стил:
„Кога работиш во светот на текстилот и модата, на ваков или онаков начин, неизбежно е таа тивко да ти влезе под кожа и да ги засени сите останати пасии кои си ги имал.
Па, така и јас не сум исклучок и модата веќе ми е навлезена во секоја пора од живеењето.

Слободно можам да кажам дека за мене модата е повеќе од трендови - таа е јазик без зборови, мост помеѓу физичкото и енергетското, спој на елеганција, сила и автентичност.

Како што споменав и погоре, најголемата поддршка ја добивам од мојот сопруг, кој секогаш ме охрабрува да заблескам со мојата енергија и стил.

Секогаш се обидувам да ја истакнам женската суштина преку софистицирани избори, креаторски парчиња и префинет израз.
Верувам дека женственоста е сила, но и уметност - начин на изразување, комуникација и енергетска манифестација. Облекувањето не е само визуелна форма - тоа е став, харизма, динамика.

Секое парче што го носам за мене не е само ткаенина, туку емоција, дух, гест на почит кон себеси.

Модата ја поврзувам со женската енергија, со начин на балансирање на внатрешниот свет, со моќта на интуицијата и флуидноста на емоциите.
Не ја доживувам само како избор на облека, туку и како начин на активирање на силата што секоја жена ја носи во себе - естетски, енергетски и спиритуално.

Во секој изглед внесувам дел од мојата лична филозофија: стилот е продлабочена форма на самоспознание.
Исто така, верувам дека елеганцијата не е само добар избор на облека, таа е начин на однесување, комуникација, движење.

Самодовербата и харизматичната енергија се во начинот на држење на себеси и како зрачиш со истите, а токму тоа е она што луѓето прво го забележуваат кај другите.

