Инспиративна дама со впечатлив стил: Проф. Јана Клопчевска е доказ дека жената може да биде сè - научник, мајка, модел и лидер
Без што не излегувате од дома? Што е ваш препознатлив знак/детаљ?
„Без часовник, очила за сонце и обетки – не го започнувам денот. Тоа ми е како мини-оклоп за светот“.
Без разлика колку е зафатен денот, никогаш не излегувам без мојот часовник, очила за сонце и едноставен, но елегантен пар обетки. Тоа се тие мали нешта што ми даваат чувство на целосност, па дури и кога носам наједноставна комбинација.
Часовникот е повеќе од мерач на време - тој е симбол на почит кон моето време и времето на другите. Сончевите очила додаваат слој на тивка самодоверба, како личен штит во зафатен свет.
Луѓето често ми велат дека мојата позитивна енергија и природните, диви кадрици се она што најмногу се издвојува.

Сакам да мислам дека мојот најсилен додаток е моето присуство - начинот на кој се однесувам, мојата љубезност и мојот поглед што вели: „Јас сум тука, целосно“.
Мојот стил нема ништо вештачко – и мислам дека луѓето го препознаваат тоа. Сакам кога ми велат: „Те забележав прво како се насмевнуваш“.
Тоа за мене е најубав комплимент. Не сакам парфеми со тешка слатка мирисна нота, а мојот мометален избор е Chloé Atelier des Fleurs – Hysope, воодушевена сум од него.
„На крајот од денот, стилот е начин да влезеш некаде и да останеш во сеќавањето.“ Затоа никогаш не излегувам без ставот со кој го почнувам денот.
Имате ли некое хоби или можеби скриена пасија? Како го поминувате слободното време и што е она што ви го храни духот?
Животот ми е динамичен, но токму затоа – слободното време не го трошам, туку го создавам. Патувањето е мојата доживотна љубов.
Од 2001 година наваму, патувам интензивно. Секој нов град, секоја култура ми дава нова перспектива. Мене ме инспирираат вкусови, лица, ритуали... аеродроми ми се како втор дом, а разговорите со луѓе од различни светови – вистински факултет за живот.

Пекинг сега за сега ме освои, но и Тел Авив, Маракеш, Сингапур, Лисабон, Мадрид.... ги има многу.

„Во зима? Скијањето не ми е само не само спорт туку и медитација во движење.“
Телото и умот ги негувам со пилатес, фитнес тренинзи и свесност за движењето.

Некогаш и намерно го заборавам автомобилот. Тоа не е површна грижа, туку дисциплина што ми дава ментална јасност и физичка стабилност.
Сакам кога сум во својот ритам – силна, фокусирана и присутна.
„Мојот дух? Тој најмногу се храни од луѓето. Од искреност, од разговори што се паметат“.
Читам кога сакам тишина – моментално „Разговори со Бога“, благодарение на препорака од мојата блиска пријателка Ведрана Ѓорѓевиќ.
А музика – таа ми е секојдневна, особено додека возам подолг пат или наутро додека се спремам, често брзам и ставам кармин на семафор, ха-ха...
Научив да бирам луѓе и разговори. Времето го делам со малкумина, но вистински мои. Сакам поврзаност, но не површност.
„На крајот од денот, слободното време ми е ритуал на враќање кон себе. И не – тоа не е хоби, тоа е начин на живот“.

Од аспект на научник, кој е добро упатен во составот на храната, каква е вашата исхрана? Има ли нешто што никогаш не го јадете или можеби се држите до некој одреден режим на исхрана?
„За мене, храната не е само гориво – таа е радост, одговорност и начин на живот“.
Како научник, ја разбираш храната низ бројки, молекули и нутритивни вредности.
Но, како човек, ја чувствувам низ традицијата, вкусовите и спомените што ги носи секој оброк. Секогаш ги избирам локалните пазари и сезонските производи – затоа што поддршката на локалната заедница е дел од здравата исхрана.
Домашната храна е мојата прва опција, а фрлањето храна ми е неприфатливо – почитта кон храната е почит кон животот.

Мојот режим е базиран на интуитивна исхрана – слушам што ми кажува телото и му давам она што му треба. Не сакам престроги рестрикции, туку во рамнотежа и внимание.
Сакам свеж зеленчук, интегрални житарки, и ферментирани јадења што ги хранат и телото и цревната флора. Голем љубител сум на квалитетни мали задоволства – парче темно чоколадо е мојот мал ритуал за среќа.
Но, внимавам да избегнувам ултрапреработени храни, скриена сол, газирани пијалаци и вештачки засладувачи – не од страв, туку затоа што со знаење доаѓа избор.
Знам што ми прави добро, и што можам подобро. На крајот, храната треба да нè поддржува, не да нè казнува. Таа е мостот меѓу науката, културата и љубовта кон себе.

Сакате ли да готвите традиционална храна или сега сте посветени на молекуларната гастрономија? Кажете ни некој интересен специјалитет и кој е начинот и условите во кои се подготвува.
Јас сум за двата света – традицијата и иновацијата. Готвењето ми е секојдневие, научната работа во која што наместо лабораторија користам нож, блендер и фантазија, а љубовта ми е главниот зачин.
Традиционалната кујна ја почитувам длабоко, но, кога ќе ја ставиш во контекст на молекуларната гастрономија, можеш да ѝ дадеш сосема нов живот.
Еден од моите омилени експерименти беше шопска салата преточена во кавијар – доматен сок гелиран во мали зрнца преку натриум алгинат и калциум хлорид, сфери од краставица, пена од сирење и ајвар.

Истите вкусови, но трансформирани во неверојатна текстура и форма што те збунува и воодушевува истовремено.
Подготовката бара прецизност, стерилни услови и строга контрола на температурата, нешто што потсетува на лабораториска магија.
Моментот кога гостите пробуваат нешто што изгледа како научен експеримент, а всушност е вкус од детството, е највозбудлив.
Сепак, не се откажувам од омилените класични специјалитети – сарма и мусака, остануваат мојот сигурен избор. Но, понекогаш им давам мал модерен потпис, како мост меѓу минатото и иднина.

Која е најдобрата лекција што сте ја научиле на потешкиот начин во животот?
Научив дека животот те тестира само колку што можеш да поднесеш. Нема скратен пат до успех без опсесија и посветеност, но рамнотежата е клучна.
Најтешката лекција? Да знаеш кој си навистина и да стоиш цврсто во тој идентитет. Без разлика што ќе се случи, фамилијата е сидрото.
Во предизвиците, силата ја најдов во љубовта и отпорноста - и дека најдлабоките победи доаѓаат од тоа да останеш верен на себеси.

Еден совет кој го давате како мајка, но и како професор на студентите, со кој ги инспирирате?
Биди бестрашен. Ти припаѓаш во секоја лабораторија, сала за состаноци и област. Никогаш не се извинувај за твојата љубопитност или амбиција.
Пронајди ментори - жени или мажи - кои ја гледаат твојата вредност и те предизвикуваат да растеш.
Јас го водам со пример мојот син: покажувајќи дека мајка која гради, учи, истражува и никогаш не се откажува е моќен модел за углед.
Вистинскиот успех е повеќе од оценки - тоа се човечките вредности што ги отелотворуваме.
Ги охрабрувам моите студенти да поставуваат тешки прашања, да сонуваат големи соништа и секогаш да бидат љубезни - затоа што знаењето без емпатија е нецелосно.
„Вредноста не е само во дипломите и научните достигнувања, туку и во човечките пораки што ги пренесуваме”.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело