Љубовната приказна на Сања Ристиќ и Перо Антиќ: „Тој прв кажа ‘те сакам’, го запознав кога мислев дека нема да најдам љубов“
- Детали
- понеделник, 30 јуни 2025
„Мислам дека на моменти звучев арогантно, веројатно од некој скриен страв од нова врска. Кога сметав дека сум дала одговор на порака на која никогаш нема повеќе да ми пише, тој ми возврати со „те обожавам“. Мислам дека малку повеќе се потруди, но, тука реално ме освои“, вели Сања за CRNOBELO.com, за љубовта со Перо Антиќ.

Овој јули, Сања Ристиќ и Перо Антиќ ќе ги прослават своите 2 години љубов. Иако и двајцата се градски ликови кои сите ги препознаваат, до пред да почнат да се гледаат, тие не се знаеле лично.
Запознавањето било случајно, во кафуле каде што Сања седела со другарките и разговарала на тема дека веќе нема да ѝ се случи љубов, но тогаш се појавил поранешниот кошаркар, само ѝ пружил рака и си заминал.
Денес, две години подоцна, тие делуваат како да се посреќни отколку на почетокот - веќе се познаваат доволно добро, си ги знаат карактерите, позитивните страни и маните и токму тоа ја прави нивната љубов силна.
На фотографиите, пак, секогаш изгледаат вљубено и среќно, како својата позитивна енергија да сакаат да ја рашират и споделат со сите.

За нивното запознавање, кој е поромантичен, а кој поизбувлив, но и како Перо ја освоил иако таа се трудела да го оттргне од себе на почетокот - прочитајте ја нивната љубовна приказна, која ни ја раскажа Сања:
Кога почна вашата љубовна приказна? Кој го направи првиот чекор? Како изгледаше вашиот прв состанок? На што се сеќаваш најмногу од тој ден?
Овој јули се навршуваат 2 цели години откако сме заедно. Перо беше иницијаторот за нашето зближување на многу културен, прилично трпелив и џентлменски начин.
Со оглед дека на почетокот на комуникацијата се трудев да сум подалеку од очите и ушите на медиумите никогаш немавме официјален прв состанок, туку се сретнувавме со нашите друштва.
Тоа беше период, иако подолго време после разводот, каде што искрено не бев спремна за никакви нови комуникации, а камо ли нешто повеќе.
Но, некогаш сериозно сметам дека нештата ни се предодрени, не како ние сметаме дека треба, туку онака како што требало да биде.

Се познававте ли од претходно или се запознавте брзо пред да почнете да се гледате?
Не се знаевме од претходно.
Едно излегување со моите другарки додека седев и се смеевме на темата дека „никогаш нема да се заљубам“ ми пријде еден прилично висок господин, 211cm, ми пружи рака „Добровечер, млада дамо“ и си замина.

Со што те освои? Дали му беше лесно или мораше многу да се потруди околу тебе?
Иако сум јас многу комуникативна и дружељубива особа, сепак сум прилично тешка за зближување.
Тој беше упорен, културен и забавен, а јас, искрено, пробав да му возвратам со негодување на секој предлог.
Дури и мислам дека на моменти звучев арогантно веројатно од некој скриен страв од нова врска, ново поглавје во животот.
Кога сметав дека сум дала одговор на порака на која никогаш нема повеќе да ми пише, тој ми возврати со „те обожавам“.
Мислам дека малку повеќе се потруди, но, тука реално ме освои!

Помина ли долго пред работите да станат сериозни меѓу вас?
Искрена да бидам, од првиот разговор со Перо, да не звучам како клише, но, се чувствував како буквално да се познаваме цел живот, иако тоа не сакав да си го признаам ниту на себе, а камо ли на глас на другите.
Сè беше толку спонтано, познато, забавно и интересно, што воопшто не почувствував некаква нелагодност или процес на запознавање.
Некако многу бргу се одвиваше сè.

