Ваце Бонга за латино забавите кај нас: „Среќен сум кога некој дошол само да види, а си оди испотен од играње и насмеан“
- Детали
- недела, 13 јули 2025
„Кога почнав да настапувам на конги, рацете ми беа потечени по секој настап и ми требаа 2-3 дена за да ми помине болката целосно, ми се правеа и плускавци и модрици. Еднаш толку ме понесе атмосферата што удрив силно со палецот и белегот ми стои веќе трета година“, вели Ваце Бонга, кој веќе 4 години прави латино забави.

Влатко Петровски (24) познат како Ваце Бонга е музичар перкусионист, а хоби му се мал фудбал, цртање, шах.
Тој е студент на Факултетот за технички науки и информатика, работи и како сервисер на ППА, но сепак, музиката му е страст од која не се откажува.
За конгите на кои свири 4 години, латино забавите и позитивната енергија што ја има таму, Ваце Бонга раскажа за CRNOBELO.com:
Колку долго свириш на конги, од каде љубовта кон овој инструмент?
Свирам на конги скоро 4 години. Љубовта кон овој инструмент ми се роди случајно.
Видов дека во мојот град има латино забава кај што настапуваше DJ G, го прашав дали може да купам инструменти и да му се придружам.
Tој ми кажа дека нема проблем, но дека треба да ги прашам газдите на локалот, а тие ми дозволија и ми рекоа дека може да почнам уште од наредната забава.
На почетокот правевме експерименти со сталаци и микрофони, поради тоа што немав доволно опрема за озвучување.
Но, со тек на време, почнав да вложувам во опремата сè повеќе, се усовршувам и тој процес трае.
Првиот удар на конгите ме пренесе во друг свет! Тие не се само инструмент, тие се јазикот на ритамот. Има нешто примитивно и искрено во нивниот звук што ме опијани.
Тешко ли е да се удира на конгите, те болат ли прстите? Се прават ли плускавци, се раскрвавуваат ли понекогаш, ако претераш?
Секоја работа што ја сакаш не е тешка, но секоја работа си има своја тежина и одговорност.
Во првите 3 месеци кога почнав да настапувам на конги, рацете ми беа потечени после секој настап и ми требаа 2-3 дена додека да ми помине болката целосно.
Лепев фластери често, но колку што помагаат за прстите, толку пречат од аспект на звукот.
На првите бонгоси обрачот беше железен и остар, но еднаш толку ме понесе атмосферата (или можеби џин тоникот, ха, ха), што удрив толку силно со палецот, што белегот ми стои веќе трета година.
Исто така, на почетокот ми се правеа и плускавци и модрици, ми се случии да ми раскрвави еден прст, но не беше ништо страшно - само залепив ханзапласт и продолжив да настапувам.
Сега веќе немам никаков проблем и по 3-4 часа удирање, прстите се поцврсти после толку настапи.
Пред колку време почна да правиш латино забави?
Првата латино забава ми беше во октомври 2021 година, на аматерски бонгоси.
Бонгоси се латиноамерикански инструмент помал од конгите, па поради тоа уметничкото име ми е Ваце Бонга.