Галичката невеста Лилјана Михајлоска за CRNOBELO: „Mojот сакан Јован од дете сонувал да направи Галичка свадба, горди сме“
- Детали
- петок, 11 јули 2025
„Желба на речиси секој галичанец е да направи Галичка свадба, така што желбата и идејата биле отсекогаш присутни кај Јован и неговото семејство. Но, во текот на нашата врска успеа таа желба да ми ја пренесе и мене, па така заедно одлучивме да се пријавиме за зет и невеста оваа година“, споделува Лилјана Михајлоска (25) за CRNOBELO.com.

Лилјана Михајлоска (25), магистер по маркетинг е годинешната галичка невеста и ќе стапи во брак со Јован Филипоски (27), дипломиран инженер по информатички технологии, кој има галичко потекло.
И двајцата се пораснати и живеат во Гостивар.
Традиционално Галичката свадба ќе се одржи за време на празникот Петровден (Св. Петар и Павле) - токму во викендот најблиску до 12 јули, што годинава се паѓа токму во сабота.
Лилјана за CRNOBELO.com споделува детали за галичката свадба:
Колку години сте во врска со Јован и дали бевте возбудени што токму вие сте избрани да бидете зет и невеста на годинешната манифестација?
Со Јован се познаваме долго време, а во врска сме седум години.
Желба на речиси секој галичанец е да направи Галичка свадба, така што желбата и идејата биле отсекогаш присутни кај Јован и неговото семејство.
Но, во текот на нашата врска успеа таа желба да ми ја пренесе и мене, па така заедно одлучивме да се пријавиме за зет и невеста оваа година.

Дали претходно сте учествувале на манифестацијата Галичка свадба?
Јован уште од мали нозе е учесник на манифестацијата.
Долго време ја имал улогата на статист, а во последниве години кога негови другари правеле Галичка свадба имал можност да ги следи обичаите од поблиска гледна точка.
Јас учествував како статист на Галичката свадба во 2022 година и можам да кажам дека поинакво е чувството да се биде дел од неа, отколку да се следи истата од публика.
На тој начин навистина можеме да ја почувствуваме убавината на ова наше, можеби најубаво, културно наследство.

Дали постојат одредени предуслови кои кандидатите треба да ги исполнат или секој може да се пријави на конкурсот?
Како и секоја година месната заедница во Галичник објавува повик за заинтересирани парови кои аплицираат преку испраќање на мотивационо писмо.
Првиот и главен услов е еден од младоженците да има потекло од Галичник. Во нашиот случај, Јован по таткова линија има галичко потекло.
Потоа, важен предуслов е еден од младоженците да има придонесено за самата манифестација и за селото.
Доколку нема парови кои ги исполнуваат овие услови, тогаш се прави исклучок и се избира пар кој нема галичко потекло.

Зошто Галичката свадба е секогаш приближно на ист датум, околу Петровден?
Во минатото свадбите во Галичник биле во тесна врска со печалбарството како традиција.
Пред Петровден печалбарите се враќале дома и тогаш се правеле свадби, дури се случувало во ист ден да се венчаат повеќе парови.