Дечко од Скопје на уникатен начин ја долови Галичката свадба: „Некои ќе кажат ‘селско’, а јас сум маѓепсан од традицијата“
- Детали
- вторник, 15 јули 2025
„Постарите велат: „Штотуку излеговме од опинците – не сакаме назад во нив“. Младите, пак, веднаш прашуваат: „А дали е тоа на Инстаграм?“ Затоа јас под псевдонимот Оробора, почнав да им давам втор живот на тие „селски“ нешта. Сега, бев на Галичката свадба и ја доловив на уникатен начин за младите да се вљубат одново во традицијата“, вели Оробора, креативен дечко од Скопје за CRNOBELO.com.

Дечко (29) од Скопје, познат под псевдонимот „Orobora“ на Инстаграм, ја обожава македонската традиција, култура и културно наследство и има за цел на уникатен и кул начин да им ја доближи традицијата на младите.
Тој на свој (инстаграмџиски) начин ја претстави Галичката свадба, која се одржа викендов (12-13 јули), преку видеа и фотографии совршено адаптирани за на Инстаграм.
За CRNOBELO.com тој зборува за неговата идеја како да ги вљуби младите во традицијата:
„Со години сакам нешто, што другите лесно го отфрлаат како „селско“ или „старо“.
Постарите велат: „Штотуку излеговме од опинците – не сакаме назад во нив“. Младите, пак, веднаш прашуваат: „А дали е тоа на Инстаграм?“
Јас велам – да, е. Но не како декор. Туку како суштина. Како естетика која не се срами од своите корени.

Во свет каде визуелното значи сè, јас го барав невидливото – духот на она што ние често го сметаме за „застарено“. И кога ќе го најдев, го облекував во нов контекст – преку филтер, боја, композиција, звук, движење.
Под псевдонимот Оробора, почнав да им давам втор живот на тие „селски“ нешта. Не ги менував – ги осветлував.

Поинаку. Поспокојно. Понекогаш дури и попровокативно.
Не за да ги модернизирам, туку за да покажам дека тие веќе биле модерни. Само сме заборавиле како да ги гледаме.

Од истражување – до дијалог
На Галичка свадба одам со години. Порано, таму бев како истражувач – го анализирав секој облековен елемент, секое движење, секоја симболика.
Но годинава, нешто се смени во мојата перспектива.

Сфатив дека сè повеќе млади не само што се дел од традицијата, туку се вљубени во неа.
Не по должност, не поради нечија наметната гордост, туку од автентична љубопитност и желба да ја доживеат историјата со своето тело.
Го гледав нивниот сјај додека ја облекуваа носијата. Го гледав нивниот поглед додека чекореа низ ритамот. Ништо од тоа не беше глума, беше вистински момент на припадност.

И токму тоа ме водеше кон нов фокус:
Како да ѝ ја доближиме традицијата на младата публика, без да им ја наметнеме? Како да зборуваме за нешто „старо“, а сепак да звучи автентично, интересно, и соодветно за на Инстаграм? Одговорот беше едноставен: да прашувам.
