Галичката невеста Лилјана Михајлоска за CRNOBELO: „Mojот сакан Јован од дете сонувал да направи Галичка свадба, горди сме“
Какво е чувството да се биде зет и невеста на Галичка свадба?
Чувствата се измешани. Се движат од радост и гордост, до трема и малку страв затоа што честа да се биде галичка невеста е голема, но уште поголема е одговорноста доследно да се претстави и пренесе вековната традиција пред илјадниците посетители и да се оправда довербата која ни ја укажаа членовите на Месната заедница Галичник.
Сето ова ни влева малку трема и страв, но членовите на организацискиот одбор се тука да ни помогнат и да бидат наша поддршка во целиот процес на подготовка.

Кога сме кај подготовките, дали се започнати затоа што има триесетина обичаи за кои е потребно време да се научат и извежбаат?
Да, има многу обичаи и полека ги учиме. Јован е веќе запознаен со речиси сите обичаи, но голем дел се практикуваат и во гостиварскиот крај до ден денешен, така што и мене ми се познати.
На пример, гледање низ прстен, китење и развивање на бајракот, бричењето на зетот и други.
Еден од обичаите е земање на невестата со коњ. Ве плаши ли тој дел од обичаите или веќе сте подготвени, научивте да јавате на коњ?
Не нè плаши, бидејќи и двајцата имаме искуство со јавање коњи.

Го посетувате ли често Галичник?
Да, одиме во Галичник во секоја можна пригода.
Подготвена ли си за тешката носија?
Додека траат подготовките имав неколку проби и како што кажав имам претходно искуство како статист во носија, така што веќе сум подготвена.

Дали по галичката планирате да направите и свадба во ресторан со гости?
Да, свадбата во ресторан е закажана во октомври.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело