Ангела Ромевски: „На 12 години ми беше дијагностицирана леукемија, се изборив и сега на 30 години станав мајка“
- Детали
- четврток, 17 јули 2025
„На 12 години добив дијагноза која ме порасна предвреме, мајка ми го изгуби слухот на едното уво од стрес кога ја слушна, а јас веднаш бев задржана на детската клиника, имав хемотерапија и поминав 9 месеци во болница. Но во 20-тите ја пронајдов љубовта на мојот живот и сега станав мајка“, вели Ангела Ромевски Тодоровска (30) од Скопје, која сега живее во Лондон.

Ангела Ромевски Тодоровска (30) од Скопје, моментално живее во Лондон и работи како фитнес тренер.
Во брак е веќе 6 години, има бебенце од месец и половина и го живее својот сон, откако на 12 години добила дијагноза лимфобластна акутна леукемија.
Лимфобластна акутна леукемија е канцерогено заболување на крвта и коскената срцевина.
Тоа е вид на леукемија што: се развива брзо (акутно), за разлика од хроничните облици кои напредуваат побавно, настанува кога организмот почнува неконтролирано да создава лимфобласти – незрели бели крвни клетки (лимфоцити) и овие лимфобласти го попречуваат создавањето на нормални крвни клетки – црвени, бели и тромбоцити.
Често се дијагностицира кај деца, особено на возраст од 2 до 5 години, но може да се појави и кај возрасни.
За овој трнлив пат Ангела зборува за CRNOBELO.com:
Каква дијагноза имаше и на колку години ја доби? Што ти кажаа докторите?
На 12 години ми беше дијагностицирана лимфобластна акутна леукемија.
Бев моментално задржана на Детската клиника, со цел да се воспостави точна дијагноза и да почне лекувањето на хематолошкиот оддел.
Со оглед на тоа дека бев во порана/средна фаза, прогнозите на докторите беа позитивни но секако, не ветуваа ништо.

Се сеќаваш ли на моментот кога ја доби дијагнозата? Што правеше, како реагираше, што прво помисли?
Бев многу мала за таква голема промена во мојот живот, да не речам почеток на траума.
Првите месеци бев малку изгубена и многу работи ми беа нејасни.
По извесен период, почнав полека да разбирам дека не сум во болница само поради мала настинка. Мајка ми ми помогна во тој процес, таа беше со мене од првиот ден.

Какви симптоми имаше? Како ти ја открија дијагнозата?
Симптомите беа доста збунувачки и да не речам секојдневни.
Имав болка во колената и бев бледа. Ми се отежна тренирањето ракомет, не можев да трчам како што трчав и лесно се уморував.
Тоа беа први знаци каде што моите веќе почнаа да се загрижуваат и ме однесоа на крвна слика.
Резултатот на крвната слика беше очигледен. Сите параметри беа драстично паднати, а некои покачени. Се гледаше дека станува збор за сериозно нарушување.
Каков беше процесот на лекување? Низ какви терапии и предизвици помина? Имаше ли некои негативни ефекти?
Процесот на лекување беше доста долг.
Со оглед на мојата дијагноза, јас имав три дела на терапија од протоколот, хемотерапија, која траеше цели 9 месеци поминати во болница, радиотерапија (зрачење) и терапија на одржување, односно цитостатици во облик на таблетки, кои ги примав дома.
Имав многу подеми и падови во текот на целиот процес и како секоја хемотерапија и оваа си носеше последици.
Добив остеопороза на коските, бев еден месец неподвижна.
На почетокот многу бев подложна на повраќање и секако почнав да губам драстично килажа. Косата ми падна со првиот третман, што искрено за едно девојче од 12 години, беше најголем шок.
После неколку третмани, телото почна да ми отекува што беше исто очекувано од многубројните цитостатици.

Што ти беше најтешко во тие моменти? Како се справуваше со целата ситуација? Како се справуваа твоите родители?
На почетокот бев во многу голема депресија, периодот кога сфатив колку ќе бидам поразлична од другите, дека јас сум „таа болната“ и сите со прст ќе ме покажуваат.
Ова ми го отежна процесот со тоа што ментално доста се откажав.
Моите родители на почетокот беа избезумени. Мојата мајка доживеа таков шок кога ѝ ја соопштија дијагнозата, каде што го изгуби слухот на едното уво.
Таа беше со мене од почетокот, додека татко ми нè поддржуваше од надвор, работеше дење и ноќе и успеваше да дојде на посета секој ден.
Нивната поддршка, нивната верба и нивните молитви ме донесоа сега каде што сум и сум им неизмерно благодарна.
Дали сега си целосно излекувана и закрепната? Од кога? Одиш ли на некакви редовни прегледи, на колку време?
Сега сум повеќе од 16 години во ремисија. Апсолутно сум закрепната и редовно правам детални анализи на себе.
После олку долг период се препорачува еднаш годишно комплетен преглед, меѓутоа јас го правам на 6 месеци.

Дали имаше најава дека третманот за болеста има шанси за влијае на твојата плодност? Како се справи со тоа?
Да. Тоа беше најголемиот ризик.
Хемотерапијата има тенденција да уништи плодни клетки перманентно.
Моите будно го следеа моето хормонално здравје и многу често беа во разговори со професорите на клиника.
Со точната дијагноза, третман и заштита што ја добив од Детската клиника, јас сум денес потполно здрава, како и секоја нормална девојка.
