Моника од Велес чува далматинец: „Круела пушта многу влакна и спие со мене, но ми има помогнато во периоди кога сум била скршена“
- Детали
- среда, 23 јули 2025
„Круела е мој аларм – во 6 часот наутро мора да појадува. Тоа што пушта многу влакна е најголем проблем кај овие раси. Но, таа била мој тивок спас - во еден особено тежок период, таа беше единствената што не се одделуваше од мене. Не бараше прошетки, не играше – само беше покрај мене, молчеливо, со разбирање“ - раскажува за CRNOBELO.com Моника Петковска (30) за својата далматинка.

Моника Петковска (30) од Велес е вљубеник во животните и покрај неколку мачиња кои ги има вдомено, дома чува и далматинец стар 4 години.
Инспирирано од нејзиниот омилен анимиран филм „101 Далматинец“, миленичето кое го добила на подарок пред 4 години, го добило името Круела.
Круела има свој Инстаграм профил, амбасадор е на „Мое милениче“, а за нејзините авантури од раѓање па досега, дресирањето, но и љубовта и грижата која ја има за сопственичката, Моника раскажува подетално за CRNOBELO.com.

Прочитајте го интервјуто...
Од кога го имаш кучето, како го доби, која е приказната зад името и колку е старо?
Ја имам од 2021 година, далматинец, сега е 4 години стара.
Како дете, растена со цртаните на Disney, најголема опсесија ми станаа далматинците. Уште од најрана возраст најголема желба ми беше да имам далматинец, која за жал никој не се осмели да ми ја исполни.
Ја добивам неочекувано како поклон за роденден, и можам да кажам дека подобар поклон за мене не постои.
Беа околу 6 бебиња, стари 39 дена, и не знам како успеав од сите тие да ја одберам баш нејзе. Тежок уникат.
Нормално, сакав да има име што ќе биде поврзано со 101 Далматинец, и решив да се вика Круела.
И не згрешив.

Колку беше тешко „дресирањето“, какви бељи ти има направено низ дома, дали сега е послушна, како воспостави ред?
Хаосот почна уште од самото влегување дома, кога мајка ми виде дека ново животно влегува дома, па првата ноќ што изгледаше како новороденче да имаме.
Бебе буквално, постојано сакаше да е во раце, да спие до мене, ако станам станува и почнува да цивка.
Како растеше, така растеа и глупостите. Како и секое мало куче, очекував дека ќе има уништени работи.
Нејзините кревети, ќебенца, играчки, па сè до постелнини, шминки, ташни, обувки, храна и моментот кога еден ден си дојдов дома и сфатив дека креветот на кој спиеме е тотално демолиран.

Кога веќе достигна доволна возраст замина на дресура во Пансион и обука за кучиња, каде упорно работеа со неа.
Тој период се гледавме само кога одев да работиме заедно. Научи команди, научи како да шета на поводник, да биде во место и да чека, да седне кога ќе запрам со движење.
Сега после 4 години од нејзиното доаѓање на овој свет и во мојот живот, можам само да кажам дека е пола куче-пола човек. Ме разбира се што ќе и кажам, уште да прозбори.

Колку и како сте поврзани? Како се чувствува љубовта која ја имате една кон друга? Како ти покажува љубов и верност?
Врската меѓу мене и Круела не се објаснува со зборови – таа е дел од моето срце. Поврзани сме со невидлива нишка, како да се разбираме со поглед.
Од првиот ден кога ми ја подарија за роденден, таа стана мојот најверен сопатник, мојата сенка и мојот тивок херој во тешки денови.
Понекогаш ми се чини дека ми го чита умот и срцето. Таа не бара зборови, само присуство.
Ја чувствувам во начинот на кој ме гледа кога сум тажна, во нејзиниот радосен скок кога ќе ме види по кратко разделување, и во нејзината постојана потреба да биде до мене, без оглед на сè.
Таа љубов ме смирува и ме потсетува дека сум сакана, точно таква каква што сум.
Таа е присутна баш во тој дел од мојот живот кога ми станува турбулентен и постојано го имаше тој еден поглед „тука сум, сè ќе биде во ред“, тажни очи кои постојано ме гледаа.

Ја оставаш ли сама? Захтевна ли е? Како реагира?
Да, и мајка ми секогаш вели дека е друго куче кога јас не сум дома.
Една од нејзините маани е љубомората и инаетот.
Се навикна дека често оди некаде со нас, прошетки во парк, низ град, на зимовање, на пливање.
Моментот кога ќе сфати дека е „оставена“ дома, гарантирано знам дека ќе има некаква „глупост“. За инает знае да искине цвеќиња од дворот, да уништи нешто.
Најдолго сме разделени кога јас сум на одмор без нејзе, но моментот кога се враќам не се опишува со зборови која радост и среќа е тоа.

Какви потреби има како раса? Како се храни? Каде спие? Пушта ли влакна?
Посебна раса се, тоа е факт. Имаат премногу енергија и се многу љубопитни. Ја интересира буквално сè.
Живее со моментално уште 3 мачки од кои двете се бебиња што ги најдов напуштени во најголемиве жештини.
Моментот кога јас дома носам ново животно за неа е „крајот на светот“. Не ме погледнува, бега, едноставно е лута и тоа трае неколку дена.
Моментално малите мачиња за неа се главна атракција, им го прати секој чекор.
Околу храната немаме апсолутно никаков проблем. Обожава овошје и зеленчук, месо, секаква храна готвена, а посебна љубов има за зелка и за сладолед.
4 години спие со мене на кревет, што веќе и мене ми е и навика и потреба таа да е до мене.
А за влакна, тоа всушност е најголемиот проблем кај овие раси. Премногу влакна пуштаат. Човек што не е спремен да чисти по двапати на ден, и да се помири со фактот дека после чистење има повторно влакна, нека не се осмелува да чува далматинец…

Кои се твоите секојдневни обврски со миленикот?
Круела е мојот секојдневен аларм - во 06:00 таа мора да појадува.
Фактот дека кучињата после првата година јадат само еднаш на ден кај неа не важи. И буквално знае кога е време за појадок и кога е време за повторно да јаде, а тоа е 18:00ч.
Седнува и не се помрднува од нејзината чинија.
Фамилијарно дома сите се грижиме околу милениците, бидејќи мојата работа е по 12 часа, секогаш има кој да им стави храна и да ги изнесе за нивните физиолошки потреби.
Кога човек се грижи онака како што треба за миленикот, не е тешко да излезе и кога врне и кога е топло и кога е премногу ладно.
За мене е тотално неприфатливо тоа да го пуштиш миленикот сам да се прошета и да изврши нужда, како што прават за жал многу сопственици.
