Моника од Велес чува далматинец: „Круела пушта многу влакна и спие со мене, но ми има помогнато во периоди кога сум била скршена“
Можеш ли да ја носиш секаде со тебе? Мирна ли е? Си имала ли непријатни ситуации?
Нешто што највеќе сакам е таа да е присутна секаде каде што одам. Капа долу за сите угостителски објекти и сместувања што се „pet friendly“, но за жал се ретки.
Ја имаме носено на Галичник, Копаоник, во Грција, Охрид, кај пријатели што ја сакаат и не им пречат влакната.

На секое место таа е љубопитна и не седнува ни минута. Сака сè да види, гладна е 24/7.
Со нејзе има многу моменти и пријатни, но и не толку пријатни.
Еднаш бевме во Охрид и вечерта во сместувањето имаше уште едно куче па им беше дозволено да играат во дворот.
Меѓутоа играта на Круела е груба, бутка сè и трча премногу. По еден час „игра“ дворот беше лом! Црепови бутнати, земја и цвеќиња на сите страни, а кучињата кафени…
За среќа газдите беа фини...

Има ли вистина дека кучињата лекуваат внатрешни рани, но и дека имаат моќ да почувствуваат кога нешто не е во ред? Ти има ли помогнато во некој период? Раскажи ни нешто повеќе.
Да, апсолутно верувам дека кучињата лекуваат. Не само што ја чувствуваат нашата енергија, туку и ја носат со себе – ја впиваат, ја трансформираат, ја ублажуваат.
Круела била мој тивок спас во периоди кога сум се чувствувала изгубено, скршено и осамено.
Имаше моменти кога зборовите од луѓето ми беа премногу, а тишината со неа – доволна. Не очекува ништо за возврат, само е тука – со целото свое срце.
Во еден особено тежок период, таа беше единствената што не се одделуваше од мене.
Не бараше прошетки, не играше – само беше покрај мене, молчеливо, со разбирање. И тоа ми беше доволно. Не постои терапија како таа безусловна љубов.
Знам дека таа секогаш знае кога нешто не е во ред со мене. Дури и кога сама уште не сум свесна. Таа не лаже, не осудува, не се двоуми. Само сака.
И тоа е најголемата моќ што ја имаат кучињата – да нè засакаат кога дури и самите не можеме да се сакаме.

Која е најинтересната/најнеобичната случка која си ја имала со миленикот?
Кога ме „летна“ преку ограда во Солун…
Беше на поводник нормално, а јас сум човек што зборува постојано со животните, од страна којзнае како изгледам.
Имаше едно маче во тревата што многу личеше на нашето.
Моментот кога јас нејзе и велам „Круела ене го нашето „Кукулче“ (така ни се вика мачката, не прашувајте зошто), таа почна наеднаш да трча по нејзе и ме помкна со себе.

А лето, народ премногу. Јас падната на трева, таа трча и ја брка мачката мислејќи дека е нашата... ужас.
И уште една случка, немаше една година, и кај нас дома за Бадник, од кога имаме домашни миленици се дели лепче и за нив.
Првата година со неа, паричето се паѓа кај Круела. Дома молк… најболно беше за баба ми, што ќе кажела по комшии кога ќе ја прашале каде се падна паричето.

И одам јас кај неа во соба, што да видам, новогодишни ламбички искинати и една невина фаца…

Што значи за тебе да се има миленик куче? Како го доживуваш ова?
Човек што никогаш не чувал куче, нема никогаш да ја сфати и разбере оваа посебна љубов.
И не зборувам за чување во двор, па и на ланец како да сме пред нашата ера, бидејќи за многумина важи законот „куче е за во двор“.
Да се има куче за мене не е само обврска или забава – тоа е избор на живот со суштество кое те сака чисто, без маски и без услови.

Тоа е свесно прифаќање на некој кој ќе ти го промени секојдневието, срцето и душата.
Да се има куче е како да имаш најдобар пријател кој не зборува, но секогаш те слуша. Кој не знае да те повреди, но секогаш знае кога ти е најтешко.
Со Круела учам што значи трпение, грижа, нежност. Учам да бидам присутна – затоа што таа живее во моментот и ме потсетува секој ден дека сегашноста е доволна.
Таа ми покажа дека љубовта не бара многу – само искреност и срце. Миленик не значи само некој кого го храниш и шеташ.
Тоа е некој што ти станува дел од семејството, некој што ќе го носиш во срцето цел живот. Круела е моја сродна душа во форма на далматинец.
