Ангелина Проданова 14 години живее во странство: Тешко се навикнав на Катар, во Холандија нема фаќање врски“
- Детали
- недела, 03 август 2025
„Во Холандија не постои дискриминација - тука можете да видите Филипинец оженет за Холанѓанка, или Африканец. Додека во Катар не, тоа е невозможно“, раскажува Ангелина Проданова која осум години живеела во Катар, а сега веќе шест години е во Холандија.

Ангелина Проданова од Македонија моментално живее во Холандија, но неколку години живеела и во Катар.
Ангелина дипломирала на Правниот факултет, отсек Јавно мислење и масовни комуникации, а решила да ја напушти Македонија бидејќи не била задоволна со тукашните услови за работа.
Се одлучила за Катар, каде живеела осум години, а потоа се преселила во Холандија каде со семејството се веќе шест години.
Во разговор за CRNOBELO.com, Ангелина споделува искуства од двете земји:
Како дојде до одлуката да се преселиш во Катар и колку време помина таму? А во Холандија?
Пред да заминам за Катар, работев во Владата на нашата држава, во Секретаријатот за европски прашања. Но, незадоволството и чувството на неправда што ги осетив лично ми беа доволни да размислувам за надвор.
По природа сум активен и амбициозен тип, секогаш спремна за нешто ново. Катар ја избрав како земја затоа што беше една од земјите со предобри економии, каде што можеш да напредуваш и да се развиваш како личност буквално на секое поле - и не згрешив. Живеев и работев 8 години.
Холандија е една сосема поинаква приказна, каде што живеам фамилијарно веќе 6 години.
Кој ти беше најголем културен шок во Катар, а кој во Холандија? На што ти беше најтешко да се адаптираш во двете земји?
Искрено, во Катар на почетокот ми беше малку тешко додека се привикнав, затоа што е сосема различно од Македонија: прво во поглед на градбите - сè е во бела или жолта нијанса, па температурниот шок, па и сè останато.
Луѓе живеат буквално од секој дел на светот, сите градби се луксузни, буквално сè е луксузно.
Холандија е доста поладна земја и се чувствувам исто како во Македонија, затоа што се послични во поглед на времето и народот. Затоа, искуството си го прави своето, нели?
Една прекрасна земја исто, но од поразличен аспект.
Што најмногу ти недостига од Македонија? А од Катар?
Најмногу од Македонија, да бидам искрена, ми недостасува мојата прекрасна мајка на која вечно сум ѝ благодарна, мојот брат, Скопје - прекрасен град, уживаме таму кога одиме со мојата ќеркичка и мојот сопруг. И, мојот јужен крај - моето родно Валандово.
Од Катар, искрено, сè уште ми недостасува мојата прекрасна компанија за висока мода Ever Fashion Luxury Group, моите колеги и другарки кои ги имам буквално од различни делови на светот.
Како те доживуваат луѓето како странец во Катар, а како во Холандија? Кои се погостопримливи според тебе?
Искрено, јас не се доживувам како странец во Холандија. Ние сме тука жители, со сопствено живеалиште, вклучени сме во системот и супер функционираме.
Тука буквално сме сите исти. Нула дискриминација - истите закони и правила важат буквално за секого, за сите граѓани, и секој мора да ги почитува. Нема тука врски, ниту ги интересира кој од каде дошол.
Во Холандија се малку поладни и сè се сведува на afspraak, без afspraak (договорен состанок) не можете вие да упаднете на гости.
Додека Катар е потопла земја, не постои afspraak, различни култури, кујни — сето тоа само се доживува.
