Ангелина Проданова 14 години живее во странство: Тешко се навикнав на Катар, во Холандија нема фаќање врски“
Кои се најголемите разлики меѓу луѓето во Катар и луѓето во Холандија? Колку се разликува начинот на живот?
И во двете земји живеат луѓе буквално од целиот свет. Во Холандија не постои дискриминација — тука можете да видите Филипинец оженет за Холанѓанка, или Африканец. Додека во Катар не, тоа е невозможно.
Во Катар имаше премногу строги закони. На пример, не можете во јавен мол да прошетате со кратки панталони, како што е најнормално во Холандија или Македонија.
Ако ве фатат пијан - одите во затвор, или, недај Боже, за кражба. Катар затоа го има епитетот за најбезбедна држава во целиот свет.
Додека во Холандија е малку поопуштено - во Амстердам малку повеќе. И доста работи се дозволени, поготово за туристите - тие во Амстердам уживаат „till max“.
Што ти се допаѓа, а што не за начинот на живот во Катар? А во Холандија?
Катар е една луксузна земја - сè е во раскош и луксуз, буквално, дури и тоалетите по моловите. Од таму имам преубави и незаборавни моменти: од работата, ноќниот живот, модата, морето кое имаше преубава боја, преубавите плажи… Единствено што беше жешко, но сè беше под клима-уред 24/7.
Во Холандија живеам малку поинаков живот - со фамилија. Се дружиме, излегуваме со пријатели, има еден куп активности за деца, за возрасни, во зависност од месецот.
Како единствена посебна разлика би го издвоила времето - Катар беше топла земја, додека Холандија е поладна. И во двете земји живеат луѓе буквално од секој дел на светот, а тоа мене посебно ме исполнуваше.
Која храна ти недостасува од Македонија, а која од Катар? Што ти е омилено сега во Холандија?
Јас буквално сега во Холандија претежно ги користам рецептите од нашата македонска кујна.
Од Катар многу ми недостасува телапија рибата која беше прекрасна, и доста други специјалитети од морската храна.
Во Холандија ги обожавам oliebol – чоколадните топки и преубавото печено пилешко.
Како се снајде со јазик во Катар и во Холандија? Дали доволен беше англиски или требаше да учиш арапски, холандски…?
Имав голема среќа затоа што добро го владеам англискиот - уште во Македонија - и буквално и во Катар и во Холандија најнормално можете да функционирате само со англиски.
Јас зборувам веќе и холандски - поради сличностите со англискиот и љубовта кон јазиците.
Дали планираш да живееш и во друга држава или можеби да се вратиш во Македонија или Катар?
Иако и двете ми се прекрасни земји, и Македонија и Катар - одговорот е не. Остануваме тука да живееме во Холандија.
Мојот маж долго време живее и работи тука, ќеркичката е тука родена, оди веќе на училиште и зборува 3 јазици - македонски (се разбира), англиски и холандски.
