Стефани Христов: „По 30 негативни тестови, вонматерична бременост, неуспешно ин витро, забременив природно на одмор“
Повторно влегов на ехо и тогаш увидоа дека е вонматерична бременост и ме задржаа за киретажа.
Во болница поминав 2 ноќи, бидејќи прво се обидоа да ми дадат апчиња, но потоа се покажа дека мора киретажа.
Докторите се обидоа да ја избегнат киретажата, бидејќи и по таа операција повторно барем 6 месеци не се препорачува бременост.

Колку и да беше шокантно немав доволно време да се израдувам или разочарам, но дефинитивно ова ни даде некаква надеж дека можеби ќе биде спонтано.
Времето си поминуваше и немаше промени.
Затоа решивме повторно да почнеме подготовки за ин витро.
Ваучерот го добивме за околу 2 месеци откако аплициравме и започнав со терапии и боцкање со инјекции за ин витро.

Го направив ин витрото и иако за мојата возраст од тогашни 33 години процентуално успешноста е околу 22% од прв обид, навистина имавме надеж дека ќе биде успешно.
Но, колку повеќе се надеваш, разочарувањето е поголемо и процедурата беше неуспешна.
Искрено самата процедура, тоа боцкање со по 2 инјекции на ден околу месец дена и пиење повеќе апчиња од баба ми, ме утепа психички и ми беше потребно подолго време да се стабилизирам пред воопшто да почнам да размислувам за повторна процедура.

Веќе поминаа скоро 5 години откако почнавме да се обидуваме и имавме направено преку 30 негативни тестови. Решивме дека е време да поразговараме сериозно што ако воопшто не биде?
За среќа, ние меѓусебно во текот на сите тие години функциониравме доста добро, си бевме поддршка еден на друг и кога некој од нас ќе паднеше психички си бевме заемна најголема поддршка.
Најголемите притисоци доаѓаа од блиската фамилија, кои иако беа тука не можеа да го разберат нашето лично искуство и знаеја да дадат коментари кои не беа на место и додаваа стрес на веќе и онака стресната ситуација.
На крајот разговорот го завршивме со „Па, и да немаме деца не сме ни први, ни последни“.

По 2 месеци заминавме на одмор на почетокот на мај месец во Турција, ова беше минатото лето 2024 и таму всушност се случи природно да забременам.
Немав воопшто тешка бременост, но бев многу внимателна, исплашена од претходните искуства.
Сите блиски како што им соопштувавме искрено се радуваа, дури и заплакуваа.
Но, јас дури во 12-тата недела откако го направивме пренаталниот тест и ни ги соопштија резултатите и полот, тогаш конечно се израдував и прифатив дека навистина нас ни се случува ова и дека конечно ќе бидеме родители.

Од самиот старт сакав да се породам со царски и бидејќи бебето не сакаше да се спушти, како и поради поставеноста, се покажа дека така и мораше да биде.
Родив здраво машко дете, кое сега веќе има 6 месеци.
Интересен факт е дека на породувањето докторите имаа интересна плејлиста и Џулиан се роди на „Sex boom“ на Tom Jones и сега многу поинаку ја доживувам песната.
Останав бремена на 35 години, а се породив на 36.
Навистина е едно прекрасно искуство и се надевам дека нашата приказна ќе инспирира некои други парови да не губат надеж, дека работите се случуваат кога најмалку очекуваш“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело