Стефани Христов: „По 30 негативни тестови, вонматерична бременост, неуспешно ин витро, забременив природно на одмор“
- Детали
- петок, 01 август 2025
„Завршив во болница, каде им објаснив дека ние се подготвуваме за ин витро и дека не сум бремена, но докторката ме испрати во лабораторија да ми земат крв, бидејќи тоа било најсигурен показател за рана бременост. Тогаш сфатија дека станува збор за вонматерична бременост. Следуваа многу неуспешни обиди...“, ја споделува својата приказна Стефани Христов од Скопје за CRNOBELO.com, која по 5 години борба за потомство, денес е мајка на 6-месечен син.

Стефани Христов од Скопје е дипломиран графички дизајнер, фотограф и контент креатор, а сопругот Горазд е скулптор и се занимава и со градежништво.
Нивната љубовна приказна започнала сосема спонтано, многу брзо се развила во нешто сериозно, но потоа се соочиле со неможноста да добијат потомство. Предизвик кој нивната љубов го победила и стигнале до фаза кога речиси и се помириле дека ќе бидат пар без деца.
Но, токму во тој миг, кога се ослободиле од притисокот, Стефани забременила по природен пат за време на одмор во Турција.
Денес се среќни родители на 6-месечен син по име Џулиан.
Стефани ја споделува нивната љубовна приказна, проткаена со борба за потомство, за CRNOBELO.com:
„Нашата приказна започна на Инстаграм, јас се тетовирав кај неговата партнерка за матура и тој ми пиша прв.
Потоа, излеговме и оттогаш бевме постојано заедно, веднаш кликнавме… Можеби затоа што сме двајцата Скорпии во хороскоп.

По месец и половина состанување, му дадов клуч од станот, бидејќи живеев сама и тој клекна и ме побара за жена.
Неколку дена претходно ми подари прстен што го имаше рачно изработено, неговиот прв обид за изработка на накит и тоа остана да е вереничкиот прстен.

Следниот ден почнавме да живееме заедно и по помалку од година се земавме.
Наместо бурми имаме тетоважи, кои ги правевме баш кај Ина, тату артистот кој беше дел од нашата приказна од самиот старт. Инаку, јас сум постара од него 5 години.

Првите година до две воопшто не размислувавме за деца, бидејќи кратко се знаевме пред да се земеме и уживавме во времето како пар.
Некаде периодот пред да се појави корона вирусот решивме дека нема повеќе да се пазиме, а бидејќи Горазд е помлад мислев дека без проблем ќе добиеме дете за кратко време.

Брзо потоа заминавме на одмор во Шпанија, кај пријатели и таму заглавивме скоро 4 месеци за време на пандемијата.
Бевме затворени во стан повеќе од 2 месеци, со дозвола да отидеме само до маркет или аптека и тоа посебно.

Пријателите се шегуваа дека штом сме го издржале тој период, ќе остариме заедно.
Мерките таму беа многу ригорозни, а и бевме во покраина каде што многу слабо разбираа англиски јазик, до степен што едвај успеавме да закажеме тестирање за корона, па планот за дете го оставивме малку за понатаму.
