Лиде Стојановска, туристички водич: „Од пиење ракија и пастрмајлија, до восхит од Свети Наум - странците уживаат кај нас“
Кое е најинтересното или најнеобичното искуство што си го доживеала со туристи? Имало ли некоја смешна или непријатна ситуација за време на тура?
Имало сè и сешто! Еднаш туристи од Шпанија инсистираа да ја научат „Море сокол пие“ на автентичен македонски јазик и на крајот ја запеаја со локален хор во Охрид.
Смешни моменти има кога некој ќе проба ракија на гладен стомак – реакциите се непроценливи!
А непријатни, можеби кога ќе ни се промени времето или ќе затекнеме затворен локал, но секогаш се снаоѓаме.

Си имала ли туристи што се вратиле повеќепати во Македонија?
Да, и тоа ми е најголем комплимент.
Имам гости кои се враќаат и по третпат – не само за да видат нови места, туку заради атмосферата и луѓето.
Некои доаѓаат со нови пријатели и роднини кои сакаат и тие да го доживеат тоа што го виделе и чуле.

Дали некој странски турист некогаш ти кажал дека би сакал да остане подолго или да се пресели тука?
Многупати! Особено оние кои сакаат помирен, природен и автентичен живот.
Некои дури прашуваат за купување куќа во село, други за можности за работа во туризам или волонтирање.

Како започна да работиш како туристички водич? Што најмногу те привлекува кај оваа професија?
Со повеќе од 13 години искуство, почнав од љубов кон Македонија и кон комуникацијата со луѓе.
Сакам да раскажувам приказни, да ја споделувам историјата и фолклорот и да гледам како некој се вљубува во мојата земја.

Кои се најчестите предизвици со кои се соочуваш? Колку често водиш тури и каде најчесто?
Предизвици има – од лошо време, логистика, до неочекувани ситуации на пат. Но кога си флексибилен и организиран, сè се решава.
Најчесто водам тури во Охрид, Скопје, Кратово, Битола и Матка, но сè повеќе луѓе бараат и помалку познати локации.

Што би му препорачала на некој што сака да стане туристички водич во Македонија?
Да биде љубопитен, да сака луѓе, да учи постојано и да биде горд на својата земја. Туристичкиот водич не е само информатор – тој е амбасадор на културата, историјата и гостопримството.



Прочитајте и Лиде Стојановска за родниот град: „Како деца во Кратово им се восхитувавме на светулките, беревме шумски јагоди, јадевме пастрмајка“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело