Љубовната приказна на Марина Дојчиновска и Горан Алачки: „На првиот состанок дојде да ме земе од дома, како прав господин“
- Детали
- понеделник, 11 август 2025
„Во моментот кога нашите светови се допреа, почнаа да се откриваат многу сличности. Иста генерација, иста гимназија, исти професори, истата страст кон патувања... Се запознавме во зрели години, можеби затоа траеме, еве веќе една деценија“, вели Марина Дојчиновска за љубовта со хармоникашот Горан Алачаки.

Марина Дојчиновска, авторка на култната емисија Македониум и директорка на приватна компанија, која води потекло од мијачкото село Гари, веќе една деценија е во врска со популарниот композитор и хармоникаш Горан Алачки.
Парот се запозна во зрели години и велат дека токму научените лекции се една од тајните на нивната успешна врска.
Се разбира, тука е и страста за патување, љубовта кон родните огништа (на Марина – Гари, а на Горан - Владимирово) и што уште не.
Марина споделува детали за нивната љубовна врска за CRNOBELO.com:
„Веројатно сите љубовни приказни се убави на свој начин, имаат свои уникатни почетоци, кои потоа се паметат како ретки моменти, што сведочат дека меѓу двајца луѓе се случила необична атракција, која потоа ги насочила еден кон друг за да ги испреплете нивните патеки на животот.

Горан се појави во мојот живот сосема неочекувано… Се придружи на една дружба со другарка ми Лефи, во еден скопски локал.
Се сеќавам дека ние двете многу се смеевме пред да ни се придружи, а потоа убавата енергија продолжи уште неколку часа, заедно со него.

По неколку дена ми се јави да ме покани на вечера, но јас не бев во Скопје… Се видовме кога се вратив.

Дојде да ме земе од дома, како прав господин, веќе одбрал еден убав ресторан и таа вечер на 13-ти јули беше всушност нашето прво запознавање и препознавање.

Летово одбележавме 10 години од нашата прва заедничка вечера, а тој ден си го славиме како наш празник.
Мислам дека таа вечер се пронајдовме и се откривме еден со друг.

