Љубовната приказна на Марина Дојчиновска и Горан Алачки: „На првиот состанок дојде да ме земе од дома, како прав господин“
Иако и тој ме знаеше мене, а и јас него од ТВ - претходно не сме имале допирни точки… Како да сме функционирале во два паралелни света кои не се сретнале.
Во моментот кога световите се допреа, почнаа да се откриваат многу сличности.

Иста генерација, иста гимназија, исти професори, исти луѓе што ги познаваме и сме се дружеле, но во различни околности и периоди од животот.
Исти интереси и погледи на светот, истата страст кон патувањата, која нè следи сите овие години.

Што ме привлече кај него? Уште на првата средба препознав кај Горан една духовна широчина и племенитост, која може да ја поседува само добар човек.
Иако не сум го следела претходно тоа што го правел во музиката, него сум го запаметила по неговата насмевка.

После првата вечера, кога се вратив дома, отворив Јутуб и го изгледав неговиот последен концерт, со авторски композиции и маестрално музицирање.
Се фасцинирав од тие звуци - колку симфониски може да звучи македонската музика преку една нова димензија, која ѝ ја дал Горан.
Утредента следеше Горан Алачки и Влатко Стефановски со „Успаванка за Радмилу“… Уште едно воодушевување… И така до ден денес!

А патувањата започнавме заеднички да ги планираме на мојот 50-ти роденден.
Го прославивме во Париз. Месец дена подоцна е роденденот на Горан и пак славевме на патување, овојпат во Милано.

