Љубовната приказна на Маја и Славе Викторијоски: „Јас доктор, тој уметник - ни се случи љубов што ти го превртува светот“
Дури и кога не сме заедно, постојано комуницираме, по цел ден, најчесто поради секојдневните обврски, со пораки.
Имаме неисцрпни теми за разговор. Знаеме да се сослушуваме еден со друг, вистински, со внимание, со присутност. Тоа многу ми значи - кога партнерот не слуша само формално, туку со душа.

Разменуваме мислења, совети, поддршка, дури и кога желбата на другиот можеби не ти е сфатлива.
Обожаваме да патуваме, особено со автомобил, кога имаме можност да разговараме со часови, да истражуваме нови места, и сами да си правиме авантури. Секогаш наоѓаме забава и интерес каде и да сме и тогаш ни е најубаво.

И двајцата ја сакаме музиката, особено рок, метал, но и сè што вреди да се слушне.
Тој ми е како музичка енциклопедија – знае години на изданија, членови на бендови, албуми… така што и таа ни е една од непресушните теми за разговор. Многу сакаме и да одиме на концерти.
Негово хоби е изработка на гитари – во кое сум и јас вклучена, сакајќи или не , со совети, сугестии, потрага по егзотични парчиња дрво за изработка. Така што дома веќе имаме една цела колекција.

А една од поголемите опсесии му се мотоциклите, па и за таа тема почнав да учам (ха ха).

Понекогаш знам да се побунам дека „досадува“, но генерално сум вклучена, се интересирам, слушам, па дури и почнав да се возам, иако ми е многу страв.

Јас, од друга страна, ја сакам јогата, па често знам да му досадувам да ми помага во изведување на некои пози.

Уметноста ја сакаме и двајцата, естетиката, дизајнот, уредувањето и дома правиме наши проекти.

Каде беше запросувањето? Бевме на патување низ Хрватска и Црна Гора, тој ден кога ме побара за жена бевме во Дубровник.
Денот беше напорен сам по себе, премногу топло, многу народ, гужва во секоја продавница и ресторан, така што и купувањето на вода беше проблем.

