Интервју: Каролина Костадиноска, клинички психолог - Отворен ум е ум без предрасуди
- Детали
- понеделник, 01 септември 2025
Предрасудите се ментални токсини кои имаат моќен импакт на формирањето на карактерот на личноста и нејзините релации со опкружувањето. Психологијата ги именува како проголтани односно несварени и непроцесирани ментални и когнитивни содржини, примарно од најблиските членови на семејството во раното детство, а потоа низ времето и од врсничката група, влијателни авторитети, медиуми, јавно мислење (социјални групи, организации, институции).
фото (десно): depositphotos.com
Предрасудите и стеротипите се непроверени туѓи убедувања и верувања кои ни ја обојуваат перцепцијата кон светот и другите. Се карактеризираат со нефлексибилност во размислувањето и резонирањето (црно- бело мислење) како и со силен отпор кон промени кои би придонеле до раст и развој на поединецот и средината. Тие се одговорни за крутоста на нашите ставови и животни вредности, па затоа и карактерот на личноста се формира во насока на ригидност и стерилност.
Предрасудите и стеротипите се повторувачки програми и ментални шеми кои ни го ограничуваат широкото разбирање на светот и ги лимитираат различните перспективи кон животот на единката или пошироката социјална заедница. Ако единката е загадена со мноштво на предрасуди на различни нивоа, може да кажеме дека тие влијаат врз структурата на менталитетот на една нација. Нација со многу предрасуди е нација која само “голта”, но не “џвака”.
Отворен ум е ум без предрасуди, ум кој свесно ги процесира релациите, ситуациите и настаните низ сопствен филтер и носи здраворазумни и логични заклучоци незагадени од туѓите верувања, активирајќи сопствено критичко мислење. Со еден збор, флексибилниот ум го доживува светот на автентичен начин низ призмата на прифаќање на другиот таков каков што е, без социјални етикети на неговиот идентитет.
Од професионален аспект, јас како психотерапевт имам етичка одговорност да бидам дезинфекцирана од предрасуди во односот со моите клиенти за тие да се чувствуваат прифатени како вредни човечки битија со целата нивна различност и уникатност во постоењето.
Кога би работеле на освестување и препознавање на сопствените предрасуди и токсични бариери, би развиле поголема способност за себе рефлексија и емпатија кон другите околу нас, би биле отворени битија кон искуствата и доживувањата на другите, иако се тие поразлични од нашите.
Еден генијален ум има изјавено: “ Во 20 век го разбивме атомот, но не успеавме да ги разбиеме предрасудите “ ! Јас би додала : На 20 век му се приклучи и 21 век.
Каролина Костадиноска
гешталт терапевт- клинички психолог
директор на Гешталт Инситут Синергија
Поттикнати од кампањата на Македонски Телеком #НаправиМесто, која повикува на отвореност и меѓусебно разбирање, а која оваа година е фокусирана на надминувањето на предрасудите, редакцијата на CRNOBELO.com ќе направи повеќе место за вести и приказни кои ги надминуваат предрасудите и ги рушат бариерите.
