Борјан од Скопје за животот во Рим: „Кафето е најубаво во мали барови без туристи, бирократијата ме научи на трпение“
- Детали
- вторник, 16 септември 2025
„Кога живееш тука, откриваш дека магијата на градот се крие во малите утрински ритуали: Рим се буди со звукот од кафе машината во малиот бар под зграда, непознати насмеани лица те поздравуваат со „бонџорно“ и цел кварт си застанува за да си зборува на улица“, вели Борјан од Скопје, кој 3 години живееше во вечниот град.

Борјан Топуковски (35) од Скопје е дипломат со пасија за фотографија.
А работата во 2022 година го одведе во Рим, каде што остана три години.
Во ова време, Борјан ретко излегуваше од дома без својот фотоапарат, па постојано „ловеше“ моменти и локации кои ги споделуваше со пријателите преку социјалните мрежи, но се надева дека ќе ги претвори во нешто повеќе од само изложба и преку книга со фотки ќе ја раскаже својата приказна за Рим.


За животот во Вечниот град и сето она што го одбележа времето на Борјан таму во изминатите години, тој ни раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:
Дали беше Рим љубов на прв поглед? Дали и пред да се преселиш си го посетил или тоа ти беше првата средба со градот?
Да, но повеќе би рекол дека беше љубов „на први чекори“.
Првиот пат кога дојдов, сè ми изгледаше како филмска сцена - од бучните скутери што минуваат покрај антички урнатини, до мирисот на еспресо и корнето кои те следат зад секој агол.
Го имав посетено пред да се преселам, но како турист секогаш гледаш само дел од душата на градот.
Да живееш тука е сосема друга приказна - помалку разгледници, повеќе живеење.


Каков е Рим за живот, споредено со тоа кога го посетуваш туристички? Откриј ми и една тајна на Рим што ја знаат локалците, но не и туристите...
Кога си турист, Рим ти ја покажува својата парадна страна - Колосеумот, Фонтана ди Треви, Пјаца Навона…
Но кога живееш тука, откриваш дека магијата на градот се крие во малите утрински ритуали: Рим се буди со звукот од кафе машината во малиот бар под зграда, непознати насмеани лица те поздравуваат со „бонџорно“ и цел кварт си застанува за да си зборува на улица.
Тајна? Рим има скриени вили и градини кои се отвораат само неколку пати годишно, како „Вила Торлонија“ или „Орто Ботанико“ во Трастевере - места кои туристите многу ретко ги посетуваат, а имаат магија што тивко те освојува.
Таму, времето навистина запира.


Кои се три работи, т.е твои препораки за сите што ќе го посетат Рим - што не смеат да пропуштат?
Да се изгубат намерно во тесните улички на Трастевере, без мапа, без план - најубавите откритија, најчесто се случајни, а Рим задолжително ќе ве однесе до нешто убаво.
Да седнат во мала траторија далеку од центарот и да нарачаат нешто што не го разбираат од менито.
Да го дочекаат зајдисонцето од Џаниколо - тоа е момент кога цел Рим светка во златно црвено, па ќе ви се чини дека можете и да ги допрете куполите.

