Борјан од Скопје за животот во Рим: „Кафето е најубаво во мали барови без туристи, бирократијата ме научи на трпение“
Кои се најубавите работи во градот за тебе?
Светлината, што ја менува бојата низ денот како да е жива. Во Рим дури и сенките имаат топлина.
Потоа, чувството дека секој агол крие нечија приказна, напишана пред векови.
И секако, утринското кафе испиено додека стоиш на шанкот и разговараш со баристата како да се знаете цел живот.


А кои се негативните страни на животот во Рим?
Би рекол бирократијата, која знае да те научи на трпение за кое никогаш не си мислел дека го поседуваш.
И сообраќајот кој често наликува на една хаотична симфонија. Понекогаш мислам дека со скутер можам да стигнам на Месечината побрзо отколку од Прати до Париоли.
Но и тоа, на некој чуден начин, е дел од шармот на градот.


Стекна ли пријатели меѓу локалците? Какви се Италијанците како пријатели, како колеги?
Да, и можам слободно да кажам дека тоа е еден од најубавите делови од животот тука.
Италијанците се топли, гласни и со големо срце.
Кога еднаш ќе те примат во својот круг, не си само пријател - стануваш дел од семејството.
А тоа значи дека секогаш ќе има некој што ќе инсистира да пробаш „само уште само едно парче“ пица.


Италијанската кујна е меѓу најпознатите во светот - што ти е тебе омилено? Кои се местата каде што сакаше да пиеш кафе или јадеш?
Кога станува збор за кујната, мојата слабост е аматричиана со совршено сварена паста (ал денте) и вкус кој те тера на хипноза од задоволство.
Кафето најмногу го сакам во мали барови без туристи, каде што баристата веќе ти го прави еспресото и без да прашува.
За јадење, обожавам да седнам во некоја траторија во Монтеверде или Сан Лоренцо, каде што нема ништо „инстаграмабилно“ - само автентичен италијански вкус и гласови на луѓе што зборуваат премногу брзо за да ги разбереш, но доволно топло за да се чувствуваш како дома.

