Успешни Македонци низ светот: Петар Кироваков на 23 години е менаџер на инвестициски фонд во Лондон и одличен фотограф
Како ти изгледа еден твој работен ден? И што точно опфаќа твојата работа во инвестицискиот фонд?
Мојот ден започнува во 5 часот наутро во теретана. Дисциплината не е избор, таа го поставува ритамот на денот и тоа е моето мото. До моментот кога градот се буди, јас веќе сум во движење.
Како директор за Велика Британија, одговорен сум за секоја одлука, секој клиент и секое движење што го правиме на овој пазар.
А денот и распоредот се безмилосни: состаноци еден по друг, стратешки сесии, финализирање зделки.
Притисокот е голем, а влогот уште поголем, но токму така функционирам најдобро.
Успехот во деловниот свет не е само еден голем момент, туку способноста постојано да се биде присутен, да се поседува фокус и прецизност. И така секој ден.

Какви услови нуди Лондон за работа?
Да бидам искрен, Лондон е најлуксузното место што сум го посетил, но кога станува збор за можностите - тие се бесконечни. Толку е кул што ако навистина сакаш да успееш, порано или подоцна ќе успееш.
Најголема предност дефинитивно се можностите, а за негативни страни и нема баш многу. Освен сообраќајот, навистина немам што лошо да кажам за градот.
Она што најмногу недостига тука е семејството, празнина што ништо и никој не може да ја пополни.
Но, низ годините имав привилегија да работам рамо до рамо со некои од највлијателните личности во бизнисот и културата - од Том Круз и Бред Пит, до глобални брендови како Porsche и Netflix.
Но, ретко кој момент го отсликува патувањето толку живописно како седнувањето во кралската ложа на Вимблдон 2024, покрај принцезата Кетрин, да ги гледам Ѓоковиќ и Алкараз во една историска финална пресметка.

Кога првпат сфати дека ти се развива љубов кон фотографијата, но и дека имаш око за да го уловиш совршениот момент со камерата?
Љубовта кон фотографијата започна тогаш кога „украдов“ фотоапарат на една свадба на братучед ми во Охрид и почнав да правам прекрасни фотографии од сите присутни.
Многу брзо стана јасно дека имам талент.
Порано знаев да го земам фотоапаратот, да прошетам низ градот и да создадам дела достојни за изложба, а неколку од нив и денес ми стојат дома.
Во последните години, мојата агенда доби нова димензија. Камерата сè поретко е во моја рака, не затоа што страста избледе, туку затоа што моето внимание се насочи кон моторспортот: Porsche Supercup и Formula 1.
Благодарение на македонскиот професионален Porsche возач, Ристо Вуков и моето вклучување во американскиот инвестициски фонд Prime Capital, денес моето време е посветено на нови предизвици, со нови амбиции, но не се откажувам од фотографијата која останува мој белег.

Кога работиш со светски брендови дали успеваш да ја зачуваш својата автентичност како фотограф или мора да се прилагодиш на нивниот стил?
Со брендовите секогаш приоритет се нивниот идентитет, насоките и барањата.
Но, мојот уникатен стил секогаш е вметнат во процесот, затоа што токму тоа ги прави различни моите фотографии од останатите.

Дали фотките со мобилен можат да бидат подеднакво добри како и фотките со професионален апарат?
Кога станува збор за телефоните, денес се навистина напредни и да - дефинитивно можат да ги заменат камерите.
Доказ за тоа е фактот што најновиот филм за Ф1 со Бред Пит беше снимен со камери на Apple. Значи, дури и Холивуд користи iPhone камера.
