Успешни Македонци низ светот: Петар Кироваков на 23 години е менаџер на инвестициски фонд во Лондон и одличен фотограф
- Детали
- четврток, 18 септември 2025
„Низ годините имав привилегија да работам со некои од највлијателните личности во бизнисот и културата: од Том Круз и Бред Пит, до Porsche и Netflix. Но, ретко кој момент го отсликува моето патување толку живописно како седнувањето во кралската ложа на Вимблдон 2024“, вели за CRNOBELO.com Петар од Прилеп, кој е успешен фотограф и бизнисмен.

Петар Кироваков (23) од Прилеп, е еден од оние Македонци кои рано заминале од татковината и полека почнале да го градат својот пат до успехот.
Кариерата ја почна како фотограф, а денес има своја агенција за дигитален маркетинг, работи како регионален менаџер на инвестициска компанија, соработува со гигантот Porsche, а имал можност да ги сретне Том Круз, Бред Пит, да го гледа финалето на Вимблдон од кралската ложа, седејќи само неколку реда зад принцот Вилијам и Кејт Мидлтон.

За почетоците кои се поврзани со фотографијата, но и за сегашниот деловен успех, Петар раскажа во интервјуто за CRNOBELO.com:
Раскажи ми ја за почеток твојата креативна приказна - како од Прилеп дојде во Лондон и стана фотограф за Porsche?
Мојата приказна започна во Прилеп, но никогаш не припаѓаше само таму. Роден сум, би рекол, со амбиција и визија што ги надминуваат границите на локалното.
Моето образование започна дома, а се заокружи во Соединетите Американски Држави и ова искуство не само што ме обликуваше интелектуално, туку ме постави на глобалната сцена уште од рана возраст.
Во последните шест години живеам во Лондон, град кој не е само метропола, туку сцена на која амбицијата и успехот немаат граница.
Архитектурата, историјата, културниот код и луксузот што Англичаните го живеат се на ниво што сите го посакуваат, но ретко кој навистина го доживува.
Последниве две години мојот животен ритам е поделен меѓу Лондон, Дубаи и Њујорк - три центри кои ја диктираат агендата на современиот свет.
А таму, на местата каде што се пишува историја, јас ги пишувам моите следни поглавја.

Со што ги воодушеви луѓето од автомобилскиот бренд за да те ангажираат? Што содржеше твоето портфолио пред работата со Porsche?
Моето патување со фотографијата започна многу рано, кога имав само 11 години.
Инспириран од мојот идол Христијан Конески, кој во тоа време беше апсолутен врв во професијата, имав привилегија да учам и бидам покрај вистински мајстор.
Првите фотографии што ги направив и денес стојат врамени во мојот дом како потсетник дека визијата и љубовта се поважни од сè.
Многумина тогаш ми се потсмеваа и тврдеа дека „од ова не се живее“, но јас одбив да ја гледам реалноста низ нивните ограничени очила.
Денес истите тие луѓе го следат секој мој потег.
Мојата филозофија отсекогаш била јасна: фотографијата не е за пари. Таа е идеја, креација, страст. Парите се само нуспроизвод.

Доказ за тоа се моите први 4-5 години, кога работев без надомест, волонтирав за дастекнам искуство и да бидам опкружен со успешни индивидуалци.
Волонтерството, константната работа и непоколебливата вера во себе беа моите темели. Денес, пак, тие навики се мојата формула за успех.
А она што инспирираше и што најмногу им се допадна во Porsche, пред сè беше мојата личност, мојата енергија и став, а потоа и богатото искуство со кое можам да водам големи проекти и предизвици што следуваа.
Во моето портфолио стојат звучни имиња - од легендарниот Harrods, преку престижниот BOSS, па сè до автомобилски гиганти како Range Rover, Mercedes.
И можам да се пофалам дека долго стојам на самиот врв на дигиталната сцена, градејќи маркетинг агенција вредна седум цифри, која ја направив од нула, и водам кампањи на највисоко ниво во светот на мотоспортот, во партнерство со икони како Porsche и Formula 1.
Мојот пат е обликуван со непоколеблива амбиција, одлучно лидерство и бескомпромисна посветеност кон стратешката извонредност.
Секој предизвик, секој ризик и секоја тешко стекната лекција ги претворив во напредок, па имам искуство, но и визија и страст да го обликувам она што следува.

Во меѓувреме, со голема чест ја прифатив улогата на регионален менаџер за Обединетото Кралство во Prime Capital by Adora, инвестициона компанија регистрирана на Вол Стрит, Њујорк, која бележи исклучителен просечен годишен принос во изминатите шест години.
Ова именување не е само ново поглавје во мојата кариера, туку кулминација на долгогодишниот фокус, упорна работа.
И затоа, во овој момент на постигнување морам да застанам и да му оддадам почит на покојниот Душко Чифлиганец, кој беше првиот што го препозна мојот потенцијал, поверува во моите квалитети и ми даде можност да застанам таму каде што сум денес.
Неговата визија и доверба ќе останат водилка на моето патување, а јас ќе го носам неговото наследство со гордост и одговорност.