Ане Апостолоска е дама со впечатлив стил: „Немам за луксуз, сакам ведри бои, а кратката коса ми е опсесија по хемотерапијата“
- Детали
- сабота, 04 октомври 2025
„Имав период во животот кога хемотерапијата ми ги убиваше и добрите и лошите клетки, ми го смени размислувањето за животот, но, за среќа, не ми го уништи чувството за сопствениот стил. Љубител сум на капи, очила за сонце или какви било модни додатоци, носам парчиња кои не мора да бидат бренд, туку само да ми се допаднат на прво видување“, вели Ане Апостолоска (48) од Скопје.

Анета Ане Апостолоска (48) од Скопје e сопруга, мајка на два возрасни сина, по професија дипломиран професор по одделенска настава на македонски јазик, но работи како службеник.
Taa e и дама со впечатлив моден стил, страст за животот, љубов кон патувањата, но и некој кој животот го предизвика на најтешкиот можен начин - со дијагноза рак, но и некој кој се избори со високо крената глава и кој не живее, туку граба од животот.
За нејзиниот моден стил Ане споделува за CRNOBELO.com:
„Не сум јавна личност, не сум во светот на бизнисот и не сум од оние ВИП личности, кои можат да си дозволат луксуз во животот.
Уживам во модата, фотографијата, убавиот и чист изглед на луѓето, како и во насмеани и позитивни личности.

Најпрво, сакам да кажам дека отсекогаш сум сакала да изгледам убаво средено, чисто и поразлично.

Имав период во животот кога хемијата (се мисли на лекување со хемотерапија) ми ги убиваше и добрите и лошите клетки, ми го смени размислувањето за животот, но, за среќа, не ми го уништи чувството за сопствениот стил.

Опсесија ми беше мојата коса за која многу се грижев и ја негував, мислејќи дека таа ја отсликува секоја жена да биде впечатлива, видена и женствена.
Многу ми беше важно да биде жива и лелеава, а во неа секогаш да имам некој детаљ (за жал, во мојава ситуација таа едноставно исчезна).

Отсекогаш имав желба да се занимавам со мода, но животот ме однесе во друга насока, имам многу комбинации во глава, сакам да создавам нешто ново, нешто по што ќе ме паметат, односно препознаваат.

Деталите за мене се најважното нешто, тие според мене го отсликуваат човекот, личноста, временскиот период, расположението, настанот каде што присуствуваш, односно стилот кој го поседуваш.

За стилот да ти биде посебен треба да знаеш и како да го носиш, да имаш сопствено држење, култура, манири и, како што се вели народски, да ја имаш ѕвездата во тебе.

Уште како дете сакав да изгледам различно. Со мојата најдобра другарка Горица, која за жал сега е во царството небесно, секогаш од старо парче правевме ново, сечевме слика од некоја маица, па ја шиевме на тексас, јас плетев и чанти за преку рамо, на капите ставав дета, односно од старо правев нешто ново и поразлично.

