Доријан (10) од Скопје има страст за животни - Фаќа змии и инсекти во природа, ги проучува и враќа назад
- Детали
- недела, 05 октомври 2025
„Животните како да чувствуваат дека тој нема лоша намера, не бегаат, туку остануваат мирни, што му овозможува да ги набљудува одблизу. Не се плаши од змии, препознава кои видови може да се опасни и е претпазлив, но никогаш не покажува страв“, вели мајката на малиот Доријан за CRNOBELO.com.

Доријан Борсов (10) од Скопје е ученик во VII одделение, но на Малта, каде што веќе некое време живее со родителите Ивана и Игор.
На само 2 години, кога неговите врсници си играле со играчки, тој се воодушевувал на животинскиот свет, собирал полжави во кутија, ги носел дома и ги хранел.

Оттогаш, секогаш кога ќе види некое интересно, необично животно, влекач или инсект, тој го зема во раце, го проучува, а потоа го враќа во природа, во неговото природно живеалиште.
Доријан од неодамна има и канал на Јутјуб, каде што неговите родители споделуваат видеа од авантурите на момчето со животните кои ги обожава.

За неговата љубов кон животните, ни раскажа мајката Ивана во интервјуто:
Од каде потекнува љубовта на вашиот син кон животните и инсектите? Кога ја забележавте првпат?
Љубовта на Доријан започна многу рано - на само две години. Наместо играчки, него го воодушевуваа полжави.
Ги собираше во кутија, ги носеше во својата соба и внимателно ги хранеше со салата.
Тоа беше првиот момент кога сфативме дека има посебна љубопитност, но и поврзаност со живиот свет.

Каде ги наоѓа Доријан овие животни и како им пристапува?
Ги наоѓа буквално насекаде - во дворови, градини, покрај реки, но и во природни базени со ларви и водни организми.
Пристапува внимателно и со голема почит, никогаш со страв или агресија.
Како да има природна смиреност што им дозволува да останат мирни во негово присуство.

Колку време обично му посветува на некое животно/инсект пред да го врати во природата?
Понекогаш само неколку минути, а понекогаш и подолго, зависно од тоа што го истражува.
Често им создава мало живеалиште - аквариум со алги, камчиња и вода, и ги набљудува како функционираат во тој мини еко-систем.
Потоа ги враќа назад во нивната средина, секогаш го прави тоа.

Што прави со нив кога ќе ги најде? Како ги проучува?
Најмногу сака да ги набљудува - како се движат, како реагираат, какви бои и шари имаат.
Од мал ја отвораше енциклопедијата за животни и ја читаше за нив со огромно внимание, а подоцна почна да гледа документарци и видеа.
На пет години имаше прилика во живо да ја следи метаморфозата на soldier flies, damselflies и dragonflies (видови вилински коњчиња) - искуство што остави силен впечаток и му овозможи уште подлабоко разбирање на природата.

