Доријан (10) од Скопје има страст за животни - Фаќа змии и инсекти во природа, ги проучува и враќа назад
Не му е страв кога ќе наиде на змија, на пример?
Не, воопшто. Доријан има голема почит кон змиите и секогаш вели: „Ако не ги напаѓаш, немаат причина да те нападнат“.
Секако, научен е да препознава кои видови може да се опасни и е претпазлив, но никогаш не покажува страв.

Кое е најнеобичното животно или инсект што ги нашол?
Еден голем зелен гуштер, речиси колку неговата рака, кој имаше толку силна боја што изгледаше како да е од друга планета.
Додека живеевме во Франција, пак, откри саламандри и водни гуштери (newts) - што за неговата возраст беше вистинско откритие и врв на неговата љубопитност.

Има ли некоја посебна енергија со која ги привлекува за и тие да не се плашат од него?
Да, тоа е нешто што сите околу него го забележуваат.
Животните изгледа како да чувствуваат дека тој нема лоша намера.
Тие не бегаат веднаш, туку остануваат мирни, што му овозможува да ги набљудува одблизу.

Сте имале ли некоја непријатна ситуација со некое животно досега?
Не, ништо сериозно. Понекогаш знае да добие ситни гребнатини кога некое животно ќе се обиде да избега, но тоа никогаш не го обесхрабрува.
За него тоа се само дел од авантурата.

Дел од своите искуства ги споделува и на Јутјуб. Какви се реакциите на јавноста?
Реакциите се прекрасни. Децата најчесто му пишуваат дека е храбар и дека сакаат и тие да истражуваат природа, а возрасните го фалат затоа што има толку голема страст и знаење за неговата возраст.
Јутјуб каналот Dorian the Reptile Catcher му овозможува да ја сподели својата љубов со поширока публика, а не само со семејството.
Има ли домашен миленик? Ако не - каков би сакал да има?
Во моментов нема. Негови најголеми желби се да има монитор гуштер (monitor lizard) или Брадест змеј (bearded dragon).
Сепак, како родители веруваме дека мониторот не е безбеден за неговата возраст, а брадестиот змеј е скап за одржување.
Затоа го учиме да ги наоѓа животните во природа, да им помага и секогаш да ги ослободува.
Какви му се желбите за иднина, сака ли да има професија поврзана со животните?
Јас, како мајка, би сакала да му овозможам да волонтира во зоолошки градини или природни резервати, секаде каде што би можел да учи и да се надградува.
Засега неговата возраст не го дозволува тоа, но се надевам дека ќе успеам да најдам начин неговата страст да се реализира.
Негови идоли како мал беа Стив Ирвин и Остин Стивенс, а денес со восхит го следи Том Питерсон.
Верувам дека љубовта и упорноста ќе го водат кон професионален пат, можеби како иден херпетолог, кој ќе инспирира многумина.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
