Данче Серафимова: „Синот Костадин го изгубив по 26 дена живот, поради голтање заматена плодова вода и срцеви проблеми“
Каде си денес, како гледаш на оваа загуба?
Самата јас со мојата перспектива сфатив дека не мора овој немил настан, таа загуба да биде мотив за оживување на нови идеи, мисии, патувања, доживувања.
Избрав денот на неговата смрт да биде негов втор роденден, ден каде што тој се спаси, каде Бог го поштеди од сè што помина, тој се бореше храбро 26 дена, но тоа што појде под закрилата на Бог, се спаси.
Бог го поштеди, го згрижи. Тој е едно мало ангелче, каде овој свет најверојатно беше премал за него.
Благодарна сум што ме избра за мајка, што избра да го донесам на свет, благодарна сум за сè што тој придонесе за мене и нас како семејство. Сметам дека ние како души бираме што сакаме да бидеме, но не бираме како, на кој начин ќе станеме тоа што сакаме.
И понекогаш се пронаоѓаме себеси баш низ загуба на човечки живот, на чедо.

Колку неговото постоење, иако толку кратко на овој свет, ти го збогати животот?
Костадин со неговото постоење постигна повеќе отколку што некој ќе постигне за еден животен век.
Костадин беше пратен во нашиот живот за исцелување за оживување на тоа што сме. Јас преку мојата трансформација му дадов смисла на неговото постоење.
Неговото влијание денес не само мене, промени живот и на многу други семејства. Да не беше тој јас немаше да почнам да работам на себе, на исцелување на моите рани и трауми, немаше да бидам свесен човек, немаше да почнам да се едуцирам за себе, моето здравје и моето тело.

Јас после загубата се чувствував виновна поради тоа што неговото срценце беше со отворена комора и преткомора и мислев дека јас тоа го имам предизвикано.
И така почнав да го менувам начинот на живот, почнав да бирам свесно и паметно, да не дозволувам сè да влезе во мојот дом.
Го трансформирав својот дом, ја намалив токсичната оптовареност, исфрлив процесирана храна, почнав сама да си правам козметика со етерични масла. Почнав сама да си правам природен детергент за алишта, кој денес го продавам.
Направив менторска програма „Low tox дом“, каде им помагам на семејства да го трансформираат својот дом и да живеат во склад со себе.
Длабочината на поврзаност која ја имаме со сопругот Илија, немаше да ја доживееме ниту за 50 години од сега, да не беше загубата. Ранливоста е едно навистина плодно место каде луѓето најмногу се поврзуваат.

Колку беше тешко да се одлучиш на бременост потоа?
Не размислувавме за тоа, не планиравме. Бевме малку исплашени, но Бог нè благослови со плод една и пол година по загубата и ни го донесе Давид.
Дали охрабруваш други родители кои се соочиле со загуба на дете? Колку ти се обраќаат?
Да. Секогаш стојам на располагање за комуникација.
Досега мислам дека околу 10-тина жени ми имаат споделено и сум споделила совет, утеха, начин на справување.

Што би им препорачала? Каква утеха би им дала?
Прво, би им препорачала секако овој процес да не го минуваат сами.
Зошто кажувам сами. Иако во брак, загубата е колективна и индивидуална. Не секој се справува на ист начин и со исто темпо.

Би им препорачала да веруваат и љубат. Животот е многу повеќе од раѓање и смрт.
И тоа што тебе ти е дадено да искусиш загуба има многу длабока смисла. Дозволи си да се препуштиш и повторно да се пронајдеш себеси и да видиш што тоа за тебе ќе значи.
Ти имаш право на избор. Загубата можеш да ја алхемизираш буквално да ѝ го промениш хемискиот состав во твојот мозок и тоа да биде плодно место од кое само ќе се раѓа.



©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
