Ева Јакимовска, уредник на „Бекстејџ“: „Добивавме закани да не објавиме дека се разведува македонски пар, иако сè беше потврдено“
- Детали
- петок, 17 октомври 2025
„Први водители беа Влатко Илиевски и Марјана Станојковска, млади и харизматични луѓе кои ја отворија оваа голема приказна. Јас тогаш бев дете што ја гледаше емисијата дома и сонуваше еден ден да биде таму, зад камерата или пред неа. По 9 години како уредник на 'Бекстејџ', сфаќам дека ништо не е случајно, животот само те носи таму каде што отсекогаш си припаѓал“, вели Ева Јакимовска за CRNOBELO.com.

Ева Јакимовска 11 години е дел од естрадниот магазин „Бекстејџ“, а изминативе 9 години е негов уредник. Неодамна, оваа емисија прослави 18 години постоење и е една од ретките кај нас која одбележала ваков голем јубилеј.
Во интервју за CRNOBELO.com, Ева се потсети на деновите кога била дете и ги гледала првите емисии на телевизија, а потајно мечтаела и самата мечтаела да биде дел од оваа телевизиска приказна.
Денес, кога сонот ѝ е реалност, со неа разговаравме за нејзината работа во „Бекстејџ“, но и за сето она што ги одбележа изминатите години во овој телевизиски магазин.

Прочитајте го интервјуто:
Какво е чувството што сте конечно „полнолетни“? Тешко ли е да се опстои 18 години во медиумскиот простор кај нас?
Искрено чувството е неверојатно. Осумнаесет години звучат многу кога ќе ги кажеш на глас, но кога ќе се свртиш назад, сфаќаш дека секоја година поминала со многу љубов и упорност.
Осумнаесет години континуитет во време кога сè се менува преку ноќ значи дека си издржал, си се борел, си верувал и си растел.
„Бекстејџ“ е огледало на една цела ера, генерации што пораснаа со нас, уметници кои созреваа заедно со нас, публика која ни веруваше од првиот ден.
Да се опстане 18 години во медиумскиот простор е како да преживееш илјада мали почетоци и стотици предизвици, но со иста страст како на почетокот.
Можеби токму затоа „Бекстејџ“ не старее, затоа што е создаден од искрени луѓе со љубов кон она што го раскажуваат.
Секој ден, 18 години по ред, живееме за истата идеја: да ја чуваме музиката, уметноста и емоцијата што ги поврзува луѓето.

Кој беше вашиот прв соговорник или прилог, и кој беше првиот водител што го најави почетокот на емисијата?
Искрено, не се сеќавам точно кој беше првиот прилог, но тоа и не е најважното.
Важно е дека сè почна со многу љубов, ентузијазам и вистинска телевизиска храброст. „Бекстејџ“ беше нешто сосема ново за тоа време, идеја што донесе свежина и поинаков пристап кон забавната сцена.
Првите водители беа Влатко Илиевски и Марјана Станојковска, двајца млади и харизматични луѓе кои ја отворија оваа голема приказна.
Јас тогаш бев дете што го гледаше емисијата дома и сонуваше еден ден да биде таму, зад камерата или пред неа.
Денес, кога сум во таа позиција, сфаќам дека ништо не е случајно, животот само те носи таму каде што отсекогаш си припаѓал.

Колку се смени „Бекстејџ“ од своите почетоци до денес?
Емисијата помина низ многу фази, технички, визуелно, содржински, но она што никогаш не се смени е неговата суштина.
Денес имаме модерна продукција, динамична енергија, препознатлив визуелен идентитет и нови генерации новинари кои носат свежина, но во основата остана истата идеја, а тоа е да се раскажуваат вистински приказни за луѓето кои ја создаваат уметноста.
Се развивавме со времето, но никогаш не ја изгубивме автентичноста. „Бекстејџ“ секогаш бил огледало на она што е реално, а не наметнато.
Денес сме попрофесионални, побрзи, поискусни, но и понесени од истата љубопитност што нè водеше и на почетокот.
Од мала екипа со камера и идеја, до сериозен бренд што ја дефинира медиумската сцена, тоа е пат исполнет со многу предизвици, но и со чувство на гордост.
Можеби изгледаме поинаку, но срцето е исто.

Има ли нешто од тоа време што ви фали, па на редакциски состанок да си речете „Ех, времиња, да може да се вратат…“?
Фали, секако. Фали, но не на начин на кој би сакале да се врати, туку како потсетник колку сме пораснале.
Фали таа спонтаност, тој момент кога немаш план Б, кога сè се прави со срце и импровизација.
Денес работиме поинаку, поискусно, посигурно, со многу повеќе знаење и одговорност, но тој „пламен“ од почетокот остана ист.
Тие години нè научија како се гради нешто што трае.
Понекогаш навистина знаеме да се пошегуваме на состанок и да кажеме „Ех, времиња, да може да се вратат“, но во ист момент свесни сме дека нивната вредност е токму во тоа што не можат да се повторат.
Се менува сè, луѓето, технологијата, начинот на комуникација, но духот останува.
И тоа е најубавото нешто - што и по 18 години, ја имаме истата љубопитност, истата искреност и истата енергија што нè водеше тогаш.
Само сега знаеме подобро како да ја преточиме во професионална приказна што ќе трае и следните 18.

Што мислиш дека е она што ве разликува од другите забавни емисии кај нас?
Можеби тоа што никогаш не се обидовме да личиме на никого.
Отсекогаш сме имале свој стил, своја динамика и свој јазик со публиката. Не трчаме по трендови. Кај нас нема глума и нема лажен сјај. Сè што гледате е реално и тоа луѓето го чувствуваат.
Секогаш сме биле блиску до оние за кои зборуваме, и можеби токму затоа и по 18 години публиката нè доживува како свои.
Не се натпреваруваме со никого. Само се трудиме секоја наредна епизода да биде подобра од претходната.

Од изминатите 18 години, одвој ми 2-3 прилози, интервјуа или нешто што засекогаш ќе стои запишано како ваш најголем успех?
Искрено, невозможно е да се одвојат само два или три. Во овие години пред објективот ни поминале илјадници луѓе, уметници, актери, спортисти, јавни личности, луѓе што оставиле белег во ова време.
Секој прилог, секое интервју, секоја средба е дел од нашата историја.
Во нашата архива има буквално сè, од најголемите македонски и балкански имиња до светски ѕвезди како 50Cent, Џони Деп, Тиесто, ZZ Top, Роџер Санчез, Енрике Иглесијас, Пол ван Дајк, Роберто Кавали, Дејвид Гета, Виз Калифа, Моника Белучли, Faithless, Пласидо Доминго, Џејсон Деруло и многу други.
Но исто толку вредни се и моментите со луѓе како Ѓорѓе Балашевиќ, Драган Бјелогрлиќ, Оливер Драгијевиќ…
Кога ќе се свртам назад, гледам архива што е многу повеќе од телевизиска програма, гледам култура што растела и се менувала пред нашите очи.
