Љубовната приказна на Снежана и Зоран Матовски - родителите на Цако, момчето со Даунов синдром кое помести граници
- Детали
- понеделник, 20 октомври 2025
Се запознале во клупче на Бит Пазар, се чекале кај Црвената болница, 42 години се заедно, 37 години во брак, имаат 3 деца, од кои едното е Цако... За нивната љубовна приказна Снежана Матовска (63) за CRNOBELO.com вели: „Ми пристапи еден згоден, висок дечко, ме фати околу половината и почна самоуверено да танцува со мене...“

Снежана Матовска (62) од Скопје, дипломиран правник, вработена на Педагошки факултет „Св. Климент Охридски“ - Скопје, е во брак со Зоран Матовски (65) од Скопје, дипломиран економист, а сега пензионер.
Тие неодамна ја прославија 42-та годишнина од запознавањето, а 37 од брак, заедно со нивните 3 деца, Марија, Александар и Бојан.
Марија (37) е дипломиран економист и магистер по Е бизнис, вработена во УНФПА.
Александар – Цако (34) е дипломиран професор по предучилишно воспитание, вработен во град Скопје.
Бојан (33) е дипломиран електро инженер на насока КСИА, вработен во приватна фирма.
Снежана ја споделува нивната љубовна приказна за CRNOBELO.com:
„Животот на секој човек му носи и убави и лоши моменти. Да имаш со кого истите да ги споделиш е вистинска привилегија.
Имав огромна среќа да сум дел од оние кои не чекорат сами, туку рамо до рамо со партнерот.

Особено, што на нашиот заеднички пат ни се јави и една неочекувана работа, раѓање на дете со Даунов синдром.


Но, како и сè друго, така и ова да го почнам од самиот почеток.
Во дамнешната 1983 година, 24 ден од месец септември, јас, Снежана Матовска, како млада девојка, бев излезена со другарка ми Цуци, на еден роденден. Иако забавата течеше супер, со познати и блиски луѓе, таа упорно бараше да си одиме и ме одвлечка во клубот 63, на Бит Пазар.
Јас со шешир на главата и чибук во раката, влегов малку нерасположена што бев довлечкана тука, во оваа бучна и темна атмосфера, меѓу непознати луѓе.

Но, одеднаш, наместо дотогашните песни во брз ритам, почна да свири бавна песна.
Ми пристапи еден згоден, висок дечко, ме фати околу половината и почна да танцува со мене.
Ни да ме замоли, ни да ме праша. Наједноставно ме приви кон себе на звуците на песната „Сиџи до реке“, на групата „У шкрипцу“.
И така, во мојот живот влезе Зоран Матовски.

Подоцна дознав дека тангото го нарачал тој самиот кај другар му Мирче, кој беше и диџеј на клупчето. Наједноставно, кога ме видел, морал да најде начин да ме запознае.
И фала му, затоа што тоа нè спои за навек.

Нашите животи продолжија да течат во ист или сличен ритам, со наоѓање за состанок на Црвената болница и искачанки сами или со друштво.
Одевме по кина, ресторани, нашето клупче 63-ка, во театар, на концерти, по одмори.
Почнавме да ги усогласуваме карактерите. Тој беше смирен и тивок, јас бучна и пргава.
Размислувањата немаше потреба, затоа што горе долу делевме исти или слични ставови за повеќе работи во животот.

И така времето си врвеше, па после неколку години стапивме и во брак. Старосватица секако ми беше другарка ми „виновник“ за нашата средба. Цуци!!!

