Љубовната приказна на Снежана и Зоран Матовски - родителите на Цако, момчето со Даунов синдром кое помести граници
Свадбата ни беше во тогашниот ресторан Метропол, на градскиот плоштад во Скопје. По нејзиното завршување чекоревме пешки по улица Македонија (тогашна Маршал Тито), насмеани.
Јас во венчален фустан, тој во свечено одело, а луѓето околу нас ни аплаудираа, свиркаа, довикуваа.
Не е баш секојдневно и вообичаено, младата и младожењата да шетаат сами како што ние шетавме така. Но, Зоки живееше во близина на ресторанот, па ни беше и смешно и глупо тој пат да го врвиме со автомобил.

Од седенката дома, по свадбата, има и една анегдота, кога пред камерата на снимателот на свадбата му кажував: „Ова МИ се подароци од моите пријатели, роднини, а ова НИ се подароци од пријателите и роднините на Зоки“. Уаууу.
Подароците од моите се мои, а од неговите наши!!! До ден денес се смееме за ова.

Во бракот со Зоки ни се родија три деца: Марија, Александар и Бојан. Немавме не знам колку пари, но имавме љубов и слога и децата ги расневме со разбирање, разговор, договор.


Не беше секогаш лесно. Многу пречки ни застануваа на патот, но ние некако полесно или потешко секоја од нив ја надминувавме.
Не дека не се расправавме, не ме разбирајте погрешно. Караниците и сцените се секогаш декор на заедничко живеење, но не и да прераснат во навика и секојдневие.

Во нашето заедничко живеење, чинам дека еден од поголемите предизвици ни беше раѓањето на второто дете со Даунов синдром.
Сепак, благодарение на нашата љубов и разбирање, не дозволивме ова да нè раздели, да нè скрши, да почнеме да се обвинуваме меѓусебно.
Напротив, и тука застанавме еден до друг или како што рече мојот сопруг: „Ќе продолжиме да живееме“, па тоа и го направивме.
Продолживме да живееме, иако во тој момент не знаевме што нè очекува понатаму.


