Христијан Проданов среде поплавите во Виетнам за CRNOBELO: „Дојдов на турнир во билијард, чекорам во вода до глуждови“
- Детали
- среда, 08 октомври 2025
„Силниот удар на тајфунот Матмо дојде ноќта кога сите се вративме дома. Пороен дожд, со грмежи и молњи, кој не престана до следното утро. Со тоа дојдоа и поплавите, а и откажувањето на почетокот на турнирот што беше планиран за 7-ми октомври. Поплавен беше повеќе од половина град “, вели Христијан Проданов, QA инженер, музичар и „суперхерој“ од скопските маратони.

Христијан Проданов од Скопје, по професија е QA инженер, а најголема страст му е билијардот, покрај музиката и трчањето маратони, облечен како суперхерој.
Периодов тој престојува во Ханој, Виетнам, каде ќе учествува на турнир во американски билијард, но токму сега таму е сезоната на монсуни, а Виетнам се соочува со тајфунот Матмо.
Христијан во Ханој се разбудил со вода по улиците до глуждови и чекорел со ќеси на патиките и со влечки низ водата.
За целото ова искуство тој зборува за CRNOBELO.com директно оттаму:
„Дојден сум во Ханој, Виетнам на турнир во американски билјард, на еден од 7-те MAJOR отворени (Open) турнири организирани од Matchroom.
На овие турнири настапуваат најдобрите светски играчи, како и играчи кои се квалификувани преку претходно организирани квалификациски турнири.

Да се биде помеѓу сите овие играчи е огромна чест, но истовремено создава еден тип на возбуда и позитивна трема која и тоа како е потребна.

Играм билјард околу 8 години, но во последните 3 се занимавам поинтензивно.
Тоа значи повеќе турнири, повеќе патување и поголема посветеност кон спортот.

Со тоа што сум цел живот поврзан со спортот, посветеноста кон играње билјард ми доаѓа природно.
Како член на Билјард Федерацијата на Македонија, активно учествувам на државните натпреварувања во текот на целата година, вкупно 7, како и на дополнителни отворени турнири, кои секако не се вклучени во конечниот ранкинг на играчи.

Планот за овој турнир во Ханој се случи на маса за време на еден од турнирите во државното првенство. Повеќе како на шега се зборуваше да се патува во некоја егзотична земја, некаде далеку, па Ханој беше следниот од турнирите кои се организираат.
По интензивна комуникација со организаторите на овој настан, успеав да дојдам до место.

Првиот впечаток при слетување ми го остави дефинитивно климата. Тропска, нешто на што не сум никако навикнат.
Шокот дојде кога излегов надвор од аеродромот каде од преголемата влага на воздухот, не можев да вдишам онолку воздух колку што ми требаше, па морав да правам кратки вдишувања.
Топол воздух со преголема влага, исто како да си во сауна или шведска бања.

