Наташа од Струмица за ракот на дојка: „Децата (12 и 5) ме проверуваа дали дишам - тоа ми беше потешко од хемотерапиите“
Кој ви беше најголема поддршка и без кого не би го издржале целиот овој процес?
Моја најголема поддршка прво беше мојата сестра која го изгуби својот сопруг на само 30 години од оваа болест.
Првата слика на социјалните мрежи без коса после првата хемотерапија ја сподели таа и ми рече „Да бидеш пример за сите жени кои го поминуваат овој период“.
Втората моја најголема поддршка до денес е мојата ќерка. Од првиот момент, кога таа имаше само 12 години, до денес, е покрај мене во секој поглед.
Некогаш се прашувам зошто мораше тоа мое мало девојче толку рано да созрее, да порасне, да се запознае со болничките ходници, со моите болки, наместо да го живее своето детство како што е редот.
Можеби сето тоа ја направи да биде посилна, да биде своја, да знае да се бори со овој свет и да сфати дека, за жал, живот не е розов и дека тоа дете не е принцеза во тој свет.

Како реагираа семејството/пријателите кога им ја кажавте дијагнозата?
Искрено, имав поддршка од многу луѓе. И тоа од луѓе од кои не сум ни сонувала дека ќе ме побараат.
Најмногу ме изненади повикот од моја колешка од факултет која живее во странство - дури ми понуди и финансии.
Секој таков повик ме раплакуваше, зашто бев среќна дека некој помислил на мене, дека некому му значам.

Дали примавте хемотерапија (и ако да, кои беа негативните ефекти од истата)?
Примањето на хемотерапиите беше долг и болен процес за мене.
Кога ме спремија на столчето на онкологија и ми ја пуштија првата терапија, солзите сами течеа.
До денес не знам што чувствував во тој момент, но знам дека си велев „Биди храбра, тоа ќе ти помогне да живееш, да бидеш покрај своите деца“.
После примањето на хемотерапијата започна хоророт.
Не можев да станам од кревет, да одам до тоалет, да се напијам чаша вода. Не бев свесна каде сум.

Тоа траеше 4-5 дена, а потоа станував и работев во моето ателје, изработував модели, комуницирав со моите клиенти. И брзо ми минуваа деновите за до следната терапија.
Кога ја примив втората терапија, ден после тоа го изгубив татко ми.
Тоа беше уште еден шок во процесот на моето лекување.
А негативните ефекти беа многу - болки низ телото, опаѓање на косата, на веѓите, трепките.
Овие болки до денес се присутни, зашто телото никогаш нема да биде тоа што било пред терапиите, но ни јас, исто така.

Што ви падна најтешко во текот на целиот процес?
Најтешко ми падна тоа што не можев да станувам од кревет. Тогаш кога децата идеа да ме проверуваат дали дишам.
Кога син ми кој имаше неполни 5 години и ќе ми кажеше „Мамо јас тебе многу те сакам“, тоа ми го кинеше срцето и ми даваше уште поголема сила дека морам да се борам за тие мали очиња кои ме гледаат, а не разбираат што се случува.
Ќерка ми која доаѓаше да ми даде чаша вода и ми ја поткреваше главата од перницата.
Е, тоа боли многу повеќе од сè што поминував.

