Столе Димитриевски за CRNOBELO.com: „Сопругата ми го критикува модниот стил, сонувам да се пласираме на Светско 2026“
Ти, всушност и правиш храбри комбинации, со дречливи бои, розово и слично, што не секој маж би се осмелил да ја носи. Која боја ти е омилена?
Моја омилена боја е зелена, но во последно време носам розе, носам кафеава, немам никаков проблем, ги вклучувам сите бои во облеката.

Да се вратиме уште малку на спортот... Како те прифатија соиграчите во Валенсија, но и навивачите кога дојде во клубот?
Искрено, пречекот беше многу срдечен. Одлично беше.
Играчите се помлади луѓе, добра екипа, и имаме добра комуникација. А мислам дека и навивачите ме прифатија добро.

Ти беше ли тешко кога си замина од Рајо Ваљекано?
Може да кажам дека мојот циклус во Рајо Ваљекано заврши и мене ми требаше една промена, ми требаа нови проекти и затоа ставив крај на таа приказна.
До последниот ден, до последната утакмица, не осеќав некои тешкотии што си одам.
Али, тогаш, на последната утакмица осетив колку сум бил сакан и почитуван од клубот, од навивачите.
И кога се вратив пред некое време, овој пат како голман на Валенсија, на стадионот покажаа преголем респект спрема мене.
Е, тогаш ми падна малку тешко, ми се појавија емоции, зашто, сепак, поминав 6 години таму.

Кога реши да смениш клуб, дали сакаше да останеш во Шпанија или размислуваше и за други лиги?
Не бев затворен од тој аспект, но во Шпанија ме знаат и ме познаваат добро во Ла Лига, така што и најдобрите понуди во тоа време ги имав од Шпанија.

Знаејќи колку се полни стадионите на тие натпревари, дали ти е криво кога ќе излезеш на стадионот во Скопје со репрезентацијата и таму нема многу публика?
Да, дефинитивно сметам дека треба да добиеме поголема поддршка од фановите, нацијата повеќе да ја поддржи репрезентацијата.
Искрено, во последните години македонската репрезентација има доста напредувано и уште има простор за напредување, а во тоа многу ни е важна поддршката од нашите луѓе, тоа е нормално.

Со кого си најблизок од репрезентацијата и како изгледаат вашите дружби кога сте на подготовки во Скопје?
Голманот Дамјан Шишковски ми е најблизок. Обично, кога сме на припреми, се дружиме во холот на хотелот, пиеме кафе, се смееме, разговараме... Јас најмногу се дружам најактивно со останатите тројца голмани.
Инаку, ако треба да одвојам една ситуација, тогаш тоа би биле моментите кога тргавме за Романија пред Европското првенство.
За мене тоа беше еден од најспецијалните моменти. Бевме собрани сите, се смеевме, имавме и гитара, беше забавно.

Кој пееше?
Па добро, мислам дека сите сме пејачи, сите сакаме да си запееме.
Но, еден од докторите имаше таков скриен талент за гитара и ни свиреше и пееше.

Дали имаш верба дека ќе успееме и дека Македонија ќе оди на Светско првенство?
Да, дефинитивно. Желба ми е да одам на Светско првенство. Мислам дека Македонија како држава заслужува да одиме на едно големо натпреварување како што е тоа.
Европското беше фантастично, бевме близу со Португалија до Светското, но не успеавме.
Сега имаме друга шанса и мислам дека треба да се бориме до крај за да стигнеме до тоа што го посакуваме.
Сега и се проширува малце можноста, со повеќе земји учеснички, па верувам дека имаме големи шанси да играме на Светско 2026.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
