Kсенија Николова: „На окото ми се појавуваше сенка, имав катаракта (перде) - се оперирав во Словенија“
- Детали
- понеделник, 10 ноември 2025
„Ќе лажам ако кажам дека не бев исплашена, во раните триесетти јас имам перде, ништо не ми беше јасно, но веднаш закажавме операција и јас за еден месец веќе бев таму, во Љубљана“, искрено споделува писателката Ксенија Николова за CRNOBELO.com.

Ксенија Николова е девојка која не се плаши комплетно емотивно да се соголи пред јавноста и да зборува јавно за сите свои животни битки.
Покрај сите други предизвици, животот во 2022 година ја соочил со навистина неочекувана дијагноза - катаракта на очите, познато како перде (заболување на окото при кое доаѓа до заматување на леќата), во раните 30-ти години од нејзиниот живот.
Таа вели дека многумина мислат дека оваа состојба се појавува само кај постарите лица и сака да зборува јавно за ова за да ја поткрене јавната свеста. Катарактата ретко може да биде вродена или да се јави и кај млади лица поради разни фактори.

Ксенија ја споделува својата приказна за CRNOBELO.com:
„Приказната за операциите на моите очи е ретка, но добро е да се знае дека такво нешто нешто може да се случи и со тоа да се охрабрат сите луѓе да одат на редовни прегледи на очите, кои вклучуваат многу повеќе од проверка на вид.
Јас долго време имав проблем со видот и постојано мислев дека е само тоа, класичен диоптер кој се решава со носење наочари, така функционирав со години.
Иако ми се појавуваше една сенка кога гледав, јас навистина не можев ни да замислам дека тоа е перде, млада сум, си велев, нема шанси да е нешто такво.
Во една прилика, сосем случајно, појдов во една оптика да си одберам нови очила за гледање и додека ми го проверуваа диоптерот, девојката што работеше таму забележа нешто чудно, па ми рече дека е најдобро да појдам на детален очен преглед и да видиме за што се работи.
Го направив тоа и за кратко откривме дека имам перде на двете очи и дека треба итно да се оперира левото, а потоа и десното око.
Патот ми се отвори благодарение на д-р Весна Димовска Јоданова која ме прегледа и ми ги даде опциите што понатаму да правам и јас навистина сум ѝ благодарна.
