Македонец победи на натпревар за најдобар бариста на Малта: „Создадов коктел со кафе и лешник, тука живеам 4 години“
Мој препознатлив пијалак (signature drink) е токму тој со кој победив на натпреварот, а неговото име е Hazemisy.
Се состои од кондензирано млеко на дното на чашата, во средината исшејкано 25ml безалкохолно вино, инфузирано со путер и зрнца од кафе, 5ml сируп од лешник и доза еспресо, а на самиот врв како трет слој шлаг од маскрапоне и сируп од чоколадно колаче.
Самиот изглед на коктелот е како едно од моите омилени кафиња Триестино.
Од следната година тој ќе се најде на нашето мени.

На натпреварот за најдобар бариста се најдов случајно.
Додека работев на смена имавме викнато екипа од Lavazza да дојдат и да ја поправат машината, имавме проблем со протокот на вода од едната глава.
Еден од професионалците, кога ме виде како работам со кафе, ми понуди да се пријавам на тој натпревар и јас се согласив.

Имаше полуфинале кое го поминав и влегов во финалето на кое освоив прво место за најдобар бариста на Малта.
Натпреварот беше од отворен карактер и секој можеше да се пријави за да ги покаже своите познавања.

Од натпреварувачите се бараше да ја покажат својата техника на правење еспресо и безалкохолен коктел кој мора да има доза кафе во него за 4 судии.
Едниот од нив беше технички судија кој доаѓа директно од Италија од компанијата.
А секој што се оценува мора да соопшти на цела соба колку кафе ќе измеле, колку милилитри еспресо ќе екстрактира и за колку секунди.
Се оценува и твоето знаење што ќе го прикажеш, а во однос на кафето и коктелот, вкусот и изгледот на твојот коктел, деталите, креативноста, презентацијата, техниката на целокупната работа, говорот, професионалноста, дали твојот коктел може да се продаде на јавноста.

Имав многу верба во себе затоа што почнав да работам како бариста пред скоро 9 години и таму почнаа моите корени во барот и целата страст за работата.
Мојата желба за победа и одење на европскиот интернационален натпревар во Торино за да се натпреварувам со најдобрите беше преголема.
Се издвоив од останатите бармени со тоа што во секое поле мојот настап беше перфектен и немаше никаква грешка, го имаше секој детаљ, секоја информација и знаење, креативност, говор, презентација и самодоверба.

Вакви натпревари за кафе не знам дали има во Македонија, ама знам дека има натпревари за бармени на кои не сум учествувал.
А следно за мене е да го освојам првото место во март во Торино и уште еднаш да се издвојам како најдобар меѓу најдобрите на европскиот интернационален бариста предизвик“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
