Македонец победи на натпревар за најдобар бариста на Малта: „Создадов коктел со кафе и лешник, тука живеам 4 години“
- Детали
- четврток, 27 ноември 2025
„На натпреварот за најдобар бариста се најдов случајно. Додека бев на смена дојде екипа од Lavazza да ја поправи машината за кафе. Еден од нив, кога ме виде како работам, ми понуди да се пријавам. Победив, а коктелот на база на кафе од следната година ќе се најде на нашето мени“, вели Блажо од Скопје за CRNOBELO.com.

Блажо Стојанов (27) е бариста, бармен и миксологист од Скопје, кој веќе 4 години живее на Малта.
Минатата недела, тој учествуваше на натпреварот за најдобар бариста и победи, па следната година ќе се натпреварува на интернационалниот натпревар.
За CRNOBELO.com, Блажо најпрво кажа која е разликата помеѓу бармен и бариста.
„Бариста е специјалист само за кафе, а бармен е некој кој е спремен за сè позади барот - кафе, коктели, вина и секакви пијалаци“, ни кажа тој.

На Малта се преселил пред неколку години, барајќи промена од животот во Скопје, а во обид да направи подобра кариера и да има повисока плата.
За животот на Малта, но и за големиот натпревар на кој победи во силна конкуренција, тој ни раскажа низ разговорот:
„Многу лесно се приспособив на животот на Малта зашто е топла земја со многу убава медитеранската клима, а има и многу Македонци и Балканци што прави да се чувствуваш блиску до дома.
На условите за работа, исто така, лесно се приспособив. Кога работиш во бар, каде и да си, секаде е иста работата.
На Малта се зборува генерално англиски јазик кој добро го познавам, па затоа немав никаква мака.

Кога дојдов на Малта во септември 2021-ва не ни барав работа, а ја најдов.
Имав многу близок другар на Малта кој веќе 5 години живееше овде, Марко Кузмановски, и требаше да одам кај него на гости. Ми рече да го чекам пред еден локал во неговиот град.
Застанав да го чекам пред локалот со име The Podium и само што се најдовме, видовме лист на прозорот кој гласеше 'Се бараат работници' и тој ми рече ‘Ај да влеземе да прашаме’.

Токму тоа го направивме и тие следниот ден ме викнаа на работа.
Тоа беше многу на среќа и не е тој случај за сите што доаѓаат на Малта. Некои доаѓаат да си ја пробаат среќата и 3 месеци не можат да најдат работа, па се враќаат назад.
Инаку, како бармен работев уште во Скопје, а почнав по завршетокот на средно школо.

Најголемата предност на Малта е дефинитивно високата плата, добриот бакшиш, морето и плажата.
Негативната страна е што е многу мал, тесен остров и е преполн со секакви луѓе, што тешко се наоѓа зеленило, зашто претежно е карпест островот.

