Ангела (25) од Кочани: „Од 10 години готвам традиционален ручек за дома, рецептите и талентот ми се од баба ми“
Има ли нешто што не знаеш да зготвиш или не ти успева да го направиш како што посакуваш?
Да, многу сакам да научам тенко да сукам кори за баница и зелник. Јас сукам ама подебело и тоа ми е желба којашто се надевам дека ќе успеам да ја постигнам да направам онака баш традиционален зелник со тенки кори, семе од афион и праз во средина.

Како мајка на мало бебе, како успеваш да најдеш време и за готвење и други работи покрај основниот ручек?
Готвењето и спремањето на десерти или домашните работи ми се предизвик со мало бебе.
Обично гледам да готвам и спремам кога тој ќе има дневни дремки, меѓутоа не секогаш ми оди по план па можеме и заедно да готвиме.
Тој ми е во едната рака, го држам и набљудува што готвам, а со другата рака спремам. Можеби во иднина ќе го наследи и тој талентот за готвење од мене бидејќи многу е битно од мали нозе да се учи.
Се шегувам дека уште нешто сега ќе научи бидејќи има само пет месеци. Инаку морам да го пофалам дека е мирно и послушно бебе, па ја остава мајка му да заврши што започнала.

Имаш ли некои свои правила и трикови за готвење што ги употребуваш и би ги споделила со нас? Нешто што секоја домаќинка треба да знае?
Мислам дека секоја домаќинка си има свои трикови и правила за готвење и може неколку домаќинки да готват по истиот рецепт, ама на крај резултатот да не биде на сите ист.
Некои посебни трикови не, но мислам дека многу љубов и истрајност би го направиле успешно јадењето, но секако се случува некогаш и да се утне.

Каков тип на готвач си – дали правиш запршка за манџи или не?
Да во принцип правам запршка на манџи и така ми е поубаво, може некој од читателите нема да го оправда тоа и ќе велат дека не треба да се користи многу масло и брашно, но ете јас така сум научена и мене ми е така повкусно, а и секако мислам дека нема ништо штетно ако користиме сè во своја мерка.

Кои се тајните на месењето, како секогаш да успее тестото?
Најбитно за тестото да биде добро е квасецот, а и битно е како ќе се подготвува.
Пример кога го ставаме во вода или млеко да надојде, не треба млекото или водата да бидат ни многу топли, ниту многу ладни, значи некоја средна температура.
Исто така во самиот квасец внатре ставам само течност вода или млеко и шеќер, брашно не ставам и секогаш кога замесувам тесто, во садот за готвење најпрвин ги ставам течните состојки, а потоа постепено додавам брашно и со дрвена мешалка убаво го обработувам, а потоа го префрлам на маса за да го довршам месењето.
Никогаш не ставам прво брашно, па во брашното да додавам течност.

Раскажи ни некоја интересна приказна поврзана со готвењето во почетоците...
Како дете во самите почетоци кога започнав да готвам, баба ми Елза беше кај нас на гости, бидејќи не живее со нас и јас зедов да полнам пиперки.
Но сите знаеме дека во пиперките смесата е од мелено месо, ориз, кромид, сето тоа запржено, а јас ги наполнив само со свежо мелено месо и не планирав да ставам вода, туку така да се печат.
За среќа баба ми ме виде што направив и реагираше на време, месото од пиперките го извадивме, ставивме ориз, зачини, сето тоа го запрживме и ги наполнивме повторно пиперките, па ги ставивме да се печат.
Ете тоа така ме навраќа на детството и на моите почетоци со готвењето и сега кога ќе се присетам ми е смешно.

Прочитајте и: Во кујна со Ангела (25) од Кочани: Рецепт за баклава со чоколаден фил и ореви
Уште неколку фотки од јадењата зготвени од Ангела:







©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело
