Сара Мејс ќе одржи новогодишни концерти во 4 градови: „Сакаме да внесеме магија и уникатно искуство кај секој што ќе дојде“
Лично, која ти е тебе омилената празнична песна?
„Нека трепка“ ми буди некое посебно чувство и ежење кога ја пееме сами, особено на рефренот.
Не знам зошто, но секојпат се ежам… Можеби зошто е првата авторска песна на овој квартет, можеби зашто е нова…
Можеби затоа што е празнична песна на македонски јазик… можеби зашто ја чувствувам блиска… А можеби просто така… некако ми спие на увце убаво тој рефрен.

Бидејќи празниците секогаш носат посебна емоција, мислиш ли дека ќе успееш да внесеш и ти куп празнична магија кај публиката? Со какво чувство сакаш да си заминат тие што ќе дојдат на концертот?
Ох, тоа е најголемата и највозвишената цел, најубавиот предизвик, возбуда, или како да кажам наједноставно - тоа е причината поради која постои овој проект.
Љубовта кон овие празници со најуникатна магија. Нашата најголема желба е да ја пренесеме токму таа магија кај публиката, на начин којшто не се заборава никогаш.
Да им врежеме спомен кој силно ќе трае, едно уникатно и магично искуство, кое ќе блеска силно во нивното сеќавање.

Ќе бидат ли и твоите деца во публика? Ја знаат ли веќе новата празнична песна? Им ја пееш ли дома?
Без Илина и Кирил не почнуваме во Филхармонија, ха, ха. Илина веќе го знае цел репертоар, а „Нека трепка“ ја пеат и Илина и Кирил, а богами и другарките на Илина… и тоа со текст знаење, со сè.
Баш пред некој ден беа на гости и ми бараа да им ја пуштам и дури малку незгодно ми стана. Уште и јас им запеам, многу ќе е ха, ха.

Ќе прераснат ли овие празнични концерти во традиција?
Ако не падне некој бушон во процесот, сигурно, ха, ха, ха.

Колку ти се битни, приватно, новогодишните и божиќните празници и што е тоа што во овој период ти прави топлина околу срцето?
И погоре мислам дека пишав, навистина премногу го сакам овој период од годината…
Ова се моите омилени празници, омилена топлина, атмосфера…
Сè трепка, насекаде сијалички, накитено, љубов, среќа, слатки за децата, подароци, детската возбуда на први јануари да видат што им донел Дедо Мраз, мирисот на домашна кујна, чајче, греано вино, божиќни семејни филмчиња…

Целото семејство заедно, сите на куп… Еден од најголемите христијански празници, Божиќ…
Бадник, месењето лепче и приготвувањето на целата посна трпеза заедно со децата, коледарите истиот ден порано, подготвувањето на коледарските дарови еден ден претходно.
Колку сакаш магија и љубов од први декември па сè до Василица.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
