Љубовната приказна на Јована и Дејан Петревски: „24 часа пред свадбата дознав дека сум бремена, синдромот на Софи ни ја зајакна љубовта“
- Детали
- понеделник, 15 декември 2025
Јована и Дејан од Скопје се родители на ќеркичка со Даунов синдром, но оваа борба уште повеќе ја зајакнала нивната љубов: „Откако се запознавме до денес, се немаме одвоено. Врската ни траеше само 4 месеци пред да се венчаме, а 24 часа пред свадбата дознавме дека сум бремена со Софи. Наместо да се осудуваме и да се оддалечиме, ние со Дејан повеќе се зближивме, бевме како две срца едно тело“ - вели таа за CRNOBELO.com.

Јована М. Петревска (28) и Дејан Деко Петревски (32), двајцата од Скопје, се во брак 4 години, а нивната најголема гордост е ќеркичката Софи која има Даунов синдром.
На Јована и Дејан не им требало долго за да сфатат дека се еден за друг, па по 4 месеци врска, решиле љубовта да ја крунисаат со брак, а токму тогаш им дошло најубавото изненадување, веста за принова.
Но, судбината не ги поштедила, па само 2 недели по раѓањето на ќеркичката ѝ бил дијагностициран Даунов синдром, но велат дека токму тоа ги направило посилни и посплотени, а никогаш не дозволиле да дојде до раздор.

За нивното запознавање, необичното запросување, силната љубов и предизвиците, Јована раскажува за CRNOBELO.com:
„Нашата љубовна 'бура' слободно можам така да кажам започна во време каде најмалку очекував јас.
Дејан, мојот сегашен сопруг, го запознав во една дождлива ноќ и тоа по иницијатива на мојата сестра.
Со сестра ми беа многу години добри познаници, таа многу често ми имаше спомнувано за моментот да ме запознае со него. Но после долго време таа вечер на нејзино големо инсистирање ние се видовме првпат .

Е тогаш, времето застана за мене...
Во таа ладна, дождлива, магловита ноќ, каде неговите очи за мене беа две сјајни ѕвезди.
И така, во мојот живот влезе Дејан Петревски.
Од таа ноќ до денес, после 5 години познавање и 4 години брак ние се немаме одвоенo.

Врската наша траеше многу кратко т.е. 4 месеци како 4 дена.
Не можам да кажам дека веднаш го признав моментот дека тој е човекот на мојот живот, партнерот за борбата и битките кој нè следат, но тоа си беше очигледно.
Ме освои првично со светло сините очи, потоа со искреноста, директноста и начинот на кој ме гледаше.
Нашите животи продолжија да течат во исти ритам, а ние толку различни – јас бунтовна и гласна, тој смирен и опуштен за сè што следеше.

За нашата врска да прерасне во брак не ни требаше многу време и размислување.
Првично нешто што цел живот ќе ми остане убав спомен е тоа што тој ми најави, но имаше несигурност во мене дека ќе му бидам жена за толку кратко време, па ме освои повеќе со моментот кога го праша сега мојот покоен татко дали ќе дозволи да ме побара за жена.
Од тој момент до моментот на романтичниот чин со прстен, многу рози во домашна тивка атмосфера која ќе ја паметам со години.

Самиот начин не беше онака како што секоја девојка сонува за тој момент, бидејќи тоа беше нешто посебно и до ден денес кога се потсетуваме, се смееме на тоа.
Наместо прашањето „Дали ќе се омажиш за мене?", јас бев прашана: „Дали си спремна секое утринско кафе да го пиеме заедно до крај на животот?“.
Нашата љубов по кратко време ја крунисавме на посебно место за нас, тоа е Манастирот Пресвета Богородица во Кичево.

Со фамилијата и кумовите за време на корона, интимен момент за кој многу сум среќна што така помина, бидејќи имаше време да посветиме внимание на секој дел од денот.

За тој ден да ни биде уште повеќе посебен, неполни 24 часа претходно дознаваме дека сум бремена со нашата прва радост, нашата Софи Петревски.

Можам да кажам дека тука веќе со нејзиното раѓање си дојде и првиот предизвик за нашиот брак.
Нашата заедничка борба и усогласеност прават Софи, иако е родена со Даунов синдром, да расне во прекрасна личност, која ќе ги руши сите бариери за овој синдром.

